НА МЕТА ЗА ОТКРИВАЊЕ КРИМИНАЛ / Во 2021 помалку убиени новинари, највеќе во Азија

178

„Новинарите и медиумските работници најчесто се убиваат поради разоткривање на корупција, криминал и злоупотреба на власта во заедниците, градовите и земјите во кои работат“, наведува IFJ.

Четириесет и пет новинари и медиумски работници беа убиени во 2021 година, една третина помалку од претходната година, но загубата е особено голема во Азија, соопшти Меѓународната федерација на новинари (IFJ).

„Бројот 45 е меѓу најниските откако IFJ почна да објавува годишни извештаи за новинари убиени при извршување на своите работни задачи, а вклучува насочени убиства, смртни случаи од вкрстен оган и бомбашки напади“, се вели во соопштението.

Организацијата, која има 600.000 членови во 140 земји, од 1991 година изброила 2.721 убиени новинари ширум светот.

Заканите поврзани со активностите на криминалните групи растат

„Опасностите поврзани со вооружени конфликти се намалија во последниве години бидејќи пристапот до медиумските работници е сè поограничен и тие се сè помалку присутни во конфликтните зони“, објаснува IFJ.

„Истовремено, заканите поврзани со активностите на криминалните групи и нарко-картелите продолжуваат да растат, од мексиканските сиромашни квартови до европските градови во Грција и Холандија, а има и голем број насочени убиства“, соопшти организацијата.

Повеќето новинари се убиени во Азија и Пацификот

Гледано по региони, на прво место според бројот на убиени медиумски работници, 20 од нив се во Азија и Пацификот, потоа Америка со 10, Африка со 8, Европа со 6 и Блискиот Исток и арапскиот свет со еден убиен новинар.

На таа бројка од 45 новинари треба да се вклучи и случајната смрт на двајца новинари во Иран.

Падот на бројот на убиства на новинари во 2021 година „е добра вест, но е мала утеха за насилството што ги однесе животите на 9 новинари во Авганистан, 8 во Мексико, 4 во Индија и 3 во Пакистан“, соопшти IFJ.

„Новинарите и медиумските работници најчесто се убиени затоа што разоткриле корупција, криминал и злоупотреба на власта во заедниците, градовите и земјите во кои работат“, пишува IFJ.

Организацијата повикува на усвојување „нова конвенција на Обединетите нации за заштита на новинарите“.