„Европската Унија не е историска академија, ниту институција што издава потврди за постоење на народи. Таа е создадена за заедничко градење на иднината, а не за расправи околу минатото и за да им дава нова европска сцена на старите национализми“, порача словенечката европратеничка Ирена Јовева во дебатата за Извештајот за Македонија во Европскиот парламент.
Според Јовева, извештајот мора да остане фокусиран на реформите, владеењето на правото и европската перспектива на земјата, а не да биде оптоварен со прашања за идентитетот, јазикот и историските толкувања.
„Македонците не треба да ја плаќаат цената за политичките фрустрации на другите. Земјата не е виновна за опсесијата на некои со нејзиниот јазик и идентитет. Ако некои постојано зборуваат повеќе за Македонците отколку за европскиот напредок на државата, тогаш прашањето е кој навистина има проблем“, истакна таа.
Јовева оцени дека ваквиот пристап е спротивен на европските вредности и порача дека во овој случај на тест не е Македонија, туку кредибилитетот на самата Европа.