Температурите на Антарктикот овој месец достигнаа 15,4 степени Целзиусови, поставувајќи нов зимски рекорд за овој обично замрзнат континент и предизвикувајќи сериозна загриженост кај научниците поради забрзаните климатски промени.
Рекордната температура е измерена на 6 јуни во аргентинската база Есперанца, на полуостровот Тринити. Според „Гардијан“, регионот бил зафатен од продолжен топлотен бран, при што дневните температури останале над нулата речиси три недели по ред.
„Ова е навистина неверојатно“, изјави климатологот Раул Кордеро од Универзитетот во Гронинген.
„Измерената температура е околу 20 степени повисока од вообичаеното за овој период од годината. Станува збор за огромна аномалија“, додава тој.
Топли ветрови го загреваат полуостровот
Според научниците, невообичаено силни и топли ветрови од север зафатиле голем дел од Антарктичкиот Полуостров. На една чилеанска метеоролошка станица биле измерени температури близу 13°C.
На островот Кинг Џорџ, оддалечен околу 160 километри од базата Есперанца, истражувачите забележале драматични промени во пејзажот. Наместо вообичаената снежна покривка, земјата добила кафеави, сиви и зелени нијанси, откако температурата достигнала 4,6°C.
Дожд наместо снег
Чилеанскиот глациолог Луис Муњоз вели дека високите температури довеле до топење на снегот и мразот.
„Во овој период од годината обично има околу 20 сантиметри снег и дебел слој мраз. Наместо тоа, сè се стопи“, вели тој.
Муњоз и неговата колешка Наталија Местре биле изненадени кога за време на искачување на глечерот Колинс, на височина од 500 метри, виделе дожд кој го топи мразот.
„Глечерот во овој период треба да акумулира снег, а не да губи мраз. Очигледно, ова не е добро“, предупредува Муњоз.
Климатските промени стануваат сè поочигледни
Научниците предупредуваат дека Антарктикот е под сè поголем притисок, како поради човечките активности и туризмот, така и поради глобалното затоплување предизвикано од согорувањето на фосилни горива.
Особено загрижувачка е состојбата со големите глечери Твејтс и Пајн Ајленд, кои според експертите се приближуваат до критична точка по која нивното забрзано топење би можело да доведе до пораст на нивото на светските мориња за дури четири метри.
Научниците исто така предупредуваат дека топењето на антарктичкиот мраз влијае и врз глобалната океанска циркулација.
Според Раул Кордеро, еден екстремен топлотен бран сам по себе нема драматично да го зголеми нивото на морињата, но претставува уште еден показател за долгорочните климатски промени.
„Ваквите силни западни ветрови се појавуваат сè почесто од 1980-тите наваму, а нивната зачестеност е поврзана со климатските промени“, нагласува тој.