Масакр во Ваташа — крвав настан кој се случил на 16 јуни 1943 година кога биле стрелани 12 младинци од селото Ваташа во близина на Моклиште кај месноста „Чаир“, на 12 км од Ваташа.
Масакрот го извршила бугарската воjска и одреди на полицијата, под команда на полковникот Љубен Апостолов (по потекло од Крива Паланка), командант на 56-от Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. Во тоа време од 40 до 60% од војниците во полковите на Петтата армија се локални регрутирани младинци, исто како и голем дел од полицијата, која била составена од месни кадри.
Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди на полицијата, под команда на полковникот Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година, преземале офанзива за уништување на партизаните и се нафрлиле на мирното население. Погоните над цивилното население кулминираат со масовното стрелање во Ваташа, на 16 јуни 1943 година, кога на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ се убиени 12-те младинци. Уште вечерта на 15 јуни низ Ваташа се разнела веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнале на работа ги враќале назад.
Во раните утрински часови во селската кафеана во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле накодошени. Според Стева Илиева од Кавадарци: „Кметот не’ собираше од куќи со готов список, сите не имаше по име и презиме.“
Во кафеаната се испрашувани и тепани, а потоа со сила се принудувани да признаат дека биле со партизаните на 1 мај во месноста Моклиште и дека биле нивни помошници. На крајот на полицискиот распит ослободени се еден младинец и една девојка. Останатите 12 младинци и 4 девојки остануваат со обвинение дека биле во врска со партизаните и претстојно бегство во планината. Откако ги поднеле сите тортури и измачувања, полицијата и војската ги одвеле пешки во колона кон Моклиште. Додека ги воделе младинците, на неколку места ги запирале. Очигледно се премислувале каде да ги стрелаат, додека им велеле дека ги носат на фотографирање.
Најстариот од сите, Васо насетил дека нешто лошо се подготвува, па кај месноста „Чаир“ каде биле запрени, почнал да бега, а по него и другите. Тогаш била издадена наредбата ‘оган’. Иако сите војници не сакале да пукаат, дванаесетте младинци биле застрелани. Четирите девојки: Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и Ката Ицева — ги тргнале настрана. Полицискиот началник Опреков се спротивставил на поручникот Костов кога сакал да ги убие и девојчињата, а капетанот Борис Жеглов го поддржал Опреков и така тие биле спасени. Војниците ги вратиле девојките назад во селото и издале наредба убиените младинци да не се носат назад, туку да се закопаат на лице место.
Денес на тоа место постои мал споменик. По војната, тие се откопани и преместени на друго место, а по трет пат, таму каде што денеска има голем споменик, се закопани во 1963 година.
Со име, презиме и возраст 12-те младинци се:
1. Перо Видев 15 год. 2. Пане Мешков 18 год. 3. Данко Давков 18 год. 4. Илија Димов 18 год. 5. Ристо Ѓондев 18 год. 6. Пане Џунов 18 год. 7. Герасим Матаков 18 год. 8. Ванчо Гурев 19 год. 9. Блаже Ицев 20 год. 10. Диме Чекоров 20 год. 11. Ферчо Попѓорѓиев 26 год. 12. Васо Хаџиjорданов 28 год.
По две години Народниот суд во НР Македонија ги осудил на смрт главните раководители и учесници во оваа акција: полковник Љубен Апостолов, капетанот Борис Жеглов, поручникот Костов и подофицерот Петко Опреков. Пред тоа сите тие се предадени од новата влада на Бугарија на југословенските власти за судење како фашисти.
Апостолов, кој бил командант на војската и ја издал наредбата за стрелање, тврдел дека не е виновен за ваташкиот масакр. Тој бил суден за повеќе злодела и сите ги признал, но за ваташкиот масакр кажал дека добил листа со имиња, а на неа стоело дека младинците се партизани уапсени во шумата, а не собрани од нивните куќи. Раскажал и за улогата во настанот на четворицата ваташанци-предавници, тројца мажи и една жена.
Во спомен на настанот, изградена е спомен костурница на стреланите 12 младинци од Ваташа, која е откриена на 11 октомври 1961 година. На јужниот ѕид на споменикот е запишано: „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“. На местото на стрелањето подигнат е спомен парк со површина од 7 хектари, а во него се посадени 12 јавори како симбол на стреланите младинци. За настанот испеана е народна песна: „Ми заплакало селото Ваташа“.
СПОДЕЛЕТЕ СО ВАШИТЕ ПРИЈАТЕЛИ!