МОН подготви концепт за учење на далечина, но од 2022 година

354

Министерството за образование и наука вчера јавно објави Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во Македонија.

Поради состојбата со Ковид-19 и натаму останува неизвесно дали учениците од септември ќе се вратат во училишните клупи, па поради ова од МОН изработија концепт за далечинско учење со тоа што сите заинтересирани можат да дадат придонес кон подготовка на што поквалитетна содржина на овој документ, преку достава на предлози и сугестии до петок.

Во документот јасно стои дека пуштањето во употреба на електронската платформа е предвидено за септември 2022 година, за кога е предвидена и изработка на е-содржини, додека набавката на ИКТ-опрема и образовен софтвер за користење ИКТ во согласност со стандардите е предвидена за 2025 година.

„Поконкретно, изработката на унифицирана електронска платформа за предавање, учење и методолошки ресурси, нејзино пилотирање и пуштање во употреба е предвидено за 2022 година, за кога е предвидена и изработка на е-содржини, додека набавката на ИКТ-опрема и образовен софтвер за користење ИКТ во согласност со стандардите е предвидена за 2025 година“, пишува во документот.

На самиот почеток од објавениот концепт е објаснето што всушност значи далечинското учење, а потоа се потсетува на досегашното искуство од овој тип на образование во нашата држава.

„Образованието од далечина или учењето од далечина е област на образованието што се фокусира на педагогијата, технологијата и дизајнот на наставните системи кои ефективно обезбедуваат образование на ученици/студенти кои не се физички „на исто место во процесот на стекнување на своето образование. Наместо тоа, наставниците и учениците комуницираат асинхроно со размена на печатени или електронски материјали/извори за учење или преку технологија што им овозможува да комуницираат во реално време (синхроно)“, стои во образолажението.

Суштината на документот е всушност презентирање на ефективно начини за успешно спроведување на процесот на учење од дома со примена на сите средства за електронска комуникација, преку целосен план за тоа како и учениците и наставниците полесно да ги совладаат сите онлајн алатки кои веројатно досега не им биле познати.

Она што лежи во целата основа на концептот за далечинското учење е создавањето на првата национална веб платформа (НДПО), Едуино, која вклучува видеолекции, ресурси, игри и разни активности за поддршка на воспитно-образовниот процес.

„Едуино има за цел да прерасне во колективна платформа на којашто, заедно со учениците, наставниците и родителите, ќе се креираат, проверуваат и објавуваат нови ресурси и материјали, градејќи ја првата национална библиотека на дигитални едукативни материјали во нашата држава“, стои во концептот.

Иако Едуино е веќе пуштена во употреба, сепак во концептот стои дека допрва треба да се работи на неа, односно платформата треба да се наполни со содржини кои ќе им бидат достапни на сите ученици.

Продолжува на страна 2