ГРЕШКИТЕ кои се јавуваат во човечкиот геном се составен дел од животот.
Како што старееме и додека ДНК се реплицира, мали грешки се вовлекуваат во нашите гени – погрешната „буква“ се појавува на одредено место или има грешка во повторувањето. Сите овие грешки можат да се акумулираат со текот на времето и да создадат мозаик од клетки со уникатни кодови. Некои клетки можат дури и да изгубат цели хромозоми.
Пример за ова е губењето на Y-хромозомот во белите крвни зрнца. Мозаичното губење на Y-хромозомот (mLOY) е почеста отколку што мислите, а се јавува кај приближно 40 проценти од мажите на возраст над 70 години.
Иако Y-хромозомот долго време се сметал за генетска пустелија полна со непотребни парчиња ДНК, недостатокот на Y-хромозом може да има сериозни здравствени последици.
Болести поврзани со стареење
Во епидемиолошките студии, mLOY е поврзан со пократок животен век и поголем ризик од болести поврзани со возраста, како што се ракот и Алцхајмерова болест. Една нова студија, која била спроведена на глувци, покажала дека mLOY исто така може да се поврзе со полоша работа на срцето.
Извесно време, не било јасно како губењето на Y-хромозомот од крвните клетки може да доведе до оштетување на органи и болести на други делови од телото, и зошто го зголемува ризикот од болести поврзани со возраста, особено болести на крвните садови и мозочен удар.
Молекуларниот биолог Soichi Sano од Универзитетот во Осака и неговите колеги малку подетално го анализирале проблемот и откриле дека mLOY предизвикува оштетување на ткивото што доведува до срцева слабост кај глувците и е поврзано со кардиоваскуларни болести, пишува Science Alert.
Во студијата, експертите ја користеле алатката за уредување на гените CRISPR за да создадат глувци без Y-хромозом во бели крвни клетки.
„Видовме дека mLOY кај глувците предизвикува фиброза што доведува до слабеење на функцијата на срцето“, рече генетичарот Lars Forsberg од Универзитетот во Uppsala.
Мажите со mLOY имале зголемен ризик од смрт по срцева слабост
Научниците потоа ги споредиле своите наоди со податоците од проектот UK Biobank, децениска студија која вклучувала генетски и здравствени податоци на околу половина милион возрасни лица.
Тие откриле дека мажите со mLOY имале зголемен ризик од смрт од срцева слабост и други видови на кардиоваскуларни болести во просек од 11 години следење.
„Оваа опсервација е во согласност со резултатите од студијата на глувци и покажува дека mLOY има директен физиолошки ефект и кај луѓето“, рече Forsberg.
Се разбира, потребни се многу повеќе истражувања пред да можеме да ги мапираме директните последици од mLOY кај луѓето. Исто така, треба да се има на ум дека губењето на Y-хромозомот многу веројатно не е единствената причина за болести поврзани со возраста, што може да биде предизвикано и од други генетски промени кои се акумулираат со текот на времето.
На пример, една од причините за многу болести на стареење, вклучително и рак и Алцхајмерова болест, може да биде хронично воспаление.
Пронајден можен третман?
Форсберг и неговите колеги пронашле и потенцијален третман за ублажување на ефектите од состојбата mLOY. Кога го блокирале сигналниот пат активен кај глувците со клетки на кои им недостига Y хромозомот, забележале дека фиброзните промени биле делумно поништени.
„Поврзаноста помеѓу mLOY и фиброзата е многу интересна, особено ако се земат предвид новите стратегии за третман на срцева слабост, пулмонална фиброза и одредени видови на рак кои имаат за цел да ја спречат фиброзата“, рече Forsberg.
„Иако потенцијалната терапија за да се спротивстави на губењето на Y-хромозомот во крвните клетки е долгорочен проект, мажите со mLOY може да бидат група на пациенти кои реагираат особено добро на таквиот третман“, додаде тој.
За помалку проблеми со циркулаторниот систем, би било добро и да престанете да пушите. Имено, една нова студија покажала дека мажите кои пушат имаат повеќе од три пати поголеми шанси да го изгубат хромозомот Y во нивните крвни зрнца отколку непушачите.
Истражувањето под наслов Хематопоетско губење на Y-хромозомот доведува до срцева фиброза и смртност од срцева слабост е објавено во списанието Science.