Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето пред Обединетите нации порача дека меѓународните правила мора да важат еднакво за сите држави. Тој повика на доследност во процесот на европска интеграција, реформа на ОН и поголема доверба во институциите.
Светот се менува со голема брзина, но технолошкиот напредок сам по себе не носи политичка мудрост, порача премиерот Христијан Мицкоски во говорот пред Обединетите нации. Како клучно прашање го посочи меѓународниот поредок што денешните лидери ќе им го остават на младите генерации.
Мицкоски потсети дека Македонија, во време на војните при распадот на Југославија, го избрала мирот. Тогаш на нејзина територија била воспоставена првата превентивна мировна мисија во историјата на ОН. „Мирот не започнува кога војната ќе заврши. Мирот започнува кога политиката е доволно мудра да спречи војната да започне“, рече тој.
Според премиерот, малите држави особено силно ги чувствуваат последиците кога договорените правила не се применуваат доследно. Осврнувајќи се на искуството на Македонија со компромисите направени во име на мирот и интеграцијата, тој порача дека довербата не може бесконечно да биде еднострана обврска.
„Ако од државите кандидатки се бара да исполнат одредени критериуми, тогаш исполнувањето на тие критериуми мора да води кон напредок“, истакна Мицкоски. Тој додаде дека граѓаните тешко можат да веруваат во правилата ако гледаат дека тие не важат еднакво за сите или дека секој компромис носи ново барање.
Премиерот нагласи дека полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба на земјата. Истовремено, рече дека Македонија има обврска да го зајакне владеењето на правото, да гради поефикасни институции и поконкурентна економија.
„Не бараме полесен пат. Бараме пат управуван според правила. Не бараме пониски стандарди. Бараме стандардите да останат стандарди“, порача тој, повикувајќи европската интеграција да се заснова на мерливи критериуми, без билатералните прашања постојано да ги менуваат условите.
Во говорот Мицкоски се осврна и на безбедноста, вештачката интелигенција, енергетиката, миграцијата и климатските промени. Тој го посочи развојот на коридорите VIII и X како дел од пошироката европска поврзаност, а за зелената транзиција рече дека мора да биде и економски и социјално одржлива.
Повика и на реформа на Обединетите нации, со цел организацијата поефикасно да спречува кризи, да посредува и да го штити човечкото достоинство. Според него, довербата во институциите се гради со резултати и со доследно почитување на принципите, особено кога тоа е политички тешко.
Мицкоски го заврши обраќањето со порака дека идните генерации заслужуваат свет во кој моќта не е единствениот аргумент, технологијата им служи на луѓето, а малите држави имаат исто достоинство, исти правила и ист глас како големите сили.