Македонскиот кашкавал патувал со сплавови на Вардар до Солун

2154

За квалитетот на македонскиот традиционален овчи кашкавал не треба посебно да се зборува. Надалеку е и одамна прочуен. Но, дали и колку ни е познат податокот дека уште пред Првата светска војна се носел на пазарите во Грција со сплавови кои пловеле по реката Вардар.

Ова особено било карактеристично за југоисточниот дел на Македонија, иако транспорт се организирал и од други градови, региони на државата, но на поинаков начин. Најчесто со коњи и маски.

Со Благој (Гојчо) Јаневски од Гевгелија, раководител (бригадир) на бачилото „Смрдливи вирови“ во Галичник, се навративме на тоа време.

Неодамна го посетивме. Разговаравме многу, прашувавме уште повеќе: за сточарството некогаш и сега, за чувањето овци, за табиетот на овие животни, за пасиштата, за третманот на професијата, за традицијата, производството,…

На софрата послана со мушама – кафе и чај, чувството преубаво. Чист воздух, мали кутренца од расата „кангал“ која се повеќе му го зема приматот на шарпланинецот, неколку коковчиња и по некоја овца што не отишла со стадото на пасење од само за неа познати причини. Тивко, се слуша само ветерот, студено на носот и дланките, а Гојчо раскажува…

– Мојот прадедо имал 20 коњи и 1.500 кози. Семејството било големо, околу 50 луѓе, браќа, синови, внуци,.. Цела тајфа. Двајца – тројца со коњите береле граѓа (дрва) од планина. Граѓа за десет куќи. Дрвата потоа се ределе во водата, се врзувале. Така се правеле сплавовите. Обично шест – седум сплавови тргнувале за Солун. Патувале четири дена по Вардар,…

Сплавовите „оделе“ еден по друг. На нив луѓето, но, и јарињата. Котле со грав, леб, јоргани, подница (рогозина),… Се си носеле, вели Гојчо. Мајсторот напред, на првиот сплав. Ако се замрачи, се трга на страната на Вардар, го врзува сплавот со ортома покрај брегот и сите останати позади го следат. Се редат еден позади друг. Спиеле на сплавовите. Утредента го продолжувале патот. Ќе одат во Солун, ќе ја продадат граѓата и ќе се вратат.

И млекото и сирењето се носеле до Солун со сплавови. Сплавови веројатно имало и од Велес, но често стоката од овој дел на Македонија, како што ни кажа Гојчо, се транспортирала со каравани. Притоа, најголемиот товар паѓал на маските. Тие сочинувале 80 отсто од караванот. Останатите 20 проценти биле коњи.

Интересно е што овците се молзеле исклучиво на бачило, во планина, а „бачот“ (мајсторот за сирење, кашкавал) го правел таму само телемето (подкиселеното млеко, млекото со мајата). Потоа, со вреќи, телемето се носело на мандарата каде што се произведувал кашкавалот.

– На Кожуф се уште стојат патиштата, всушност патеките направени од движењето на коњите во тоа време, пред Првата светска војна, широки по два метра.

Транспортот повеќе бил со маски. Коњи имало, но повеќе се чувале маски зашто векот им е подолг, а се и поекономични. Еден коњ јаде колку три маски и, нормално, е поиздржлив, додава бригадирот.

Го свртевме муабетот на табиетот на овците. Потпрашавме и дали некогаш видел како волк напаѓа стадо.

– Овците се многу мили и умни животни. Ако доволно ги познаваш, по нивната реакција ќе забележиш кога ќе врне дожд, кога снег. Два-три дена пред да врне знаат дека ќе се расипе времето. Ако треба да врне дожд, кога ќе наближат 500 метри до трлото почнуват да трчаат, да се буцкаат, потскокнуваат, си играат. Сите трчаат, до една, и рипкаат. И нема утка. Сигурно заврнува. Пред да заврне снег, пак, брстат смрека што обично никогаш не јадат. И да се најадени, ништо, упорно пасат, не можеш да ги прибереш… Еве и сега, кога дојдовте, овците не блекаа ама после почнаа да блекаат зашто им ја отворија вратата од трлото. Знаат дека одат на паша, нагласува Гојчо.

Исто така, знаат, чувствуваат и кога е транспортот – од планина во пониските делови ако почнува студот, и обратно, од долу во планина кога почнува топлото време. Блеат, ги чекаат вагоните и сами влегуваат во нив.

Овците многу добро го познаваат овчарот. Кога ќе почне да вика по нив, го слушаат и право одат накај него. Овците – водачи носат клопотарци, а останатите ги следат, слушајќи го звукот на колопотарецот.

– Некои овци се стрвни, сами одат накај одгледувачот да им даде лепче. Кога плевиме, ако видат дека носиме нешто рацете, веднаш одат накај нас. Даваат да ги галиме, некои дури и сами се тријат од нас, се чешаат, вели Гојчо.

И приказната за волците е многу интересна. Тие, нагласува нашиот соговорник, се смрдливи животни, имаат многу јак, непријатен мирис. А кога тргнуваат во напад на некое бачило (стадо овци), испуштаат гасови, што е многу карактеристично.

– Кога се приближува волкот кон трлото, постојано прди. Тоа го чувствуваат кучињата и веднаш тргнуваат накај него. Им дозволува да му се приближат, но на максимум 50-на метри. Потоа се врти кон нив и почнува да ржи. Толку силно што, како што се велело порано, молњи од уста му излегуваат. Ако кучињата ги спуштат опашките, почнат да цвилат и се свртат назад, да си одат, тогаш волкот е сигурен дека нема достоен противник и го напаѓа стадото. Но, ако кучињата се спротивстават, почнат и тие да ржат и продолжат кон него, тогаш волкот бега или, пробува да избега, зашто кога се шарпланинци во прашање, најчесто го фаќаат и растргнуваат. Ако, пак, успее да избега, никогаш веќе не се враќа на истото место, објаснува Благој.

Во текот на разговорот кој сосема спонтано „скокаше“ од една тема на друга, Гојчо, видно разочаран, прогнозира дека за околу 30 години во Македонија ќе нема кој да ја продолжи традицијата на овчарење. Не само што помладите не сакаат да се занимаваат со оваа работа, туку и државата, вели, вооопшто не води сметка, особено не за ресурсите.

Во 70-тите години Македонија броела околу 2,3 милиони овци, а денес се максимум 650.000. Само на Бистра, пред 50 години имало 150.000 овци, а сега се 15.000.

Искористувајќи ги природните води, државата пред 50 години направила преку 50 базени, чешми, поилки, резервоари за овците. Сега, според бригадирот, се е скршено, скапано, пропаднато, а ништо не е преземено. Имаме само 15.000 овци, а не можеме да ги напоиме.

– Она што го дала природата, не го користиме ни три отсто. Ни пропаѓаат 97 проценти од расположливите ресурси. Во други земји прават брани, за кога врне дожд, да се собере водата и да ја искористат, да ги напојат овците. А нам ни дала природата, но ништо не сме направиле, апсолутно ништо и како ќе одиме напред?, смета Гојчо.

Во овој контекст, за крај, ни раскажа една анегдота.

– Некој странски дипломат, посетил повеќе места низ Македонија, но ништо не бендисал толку како галичкиот кашкавал, сирењето и печеното јагне. Си земал од кашкавалот, едно парче – многу вкусно, второ парче – многу вкусно,… Рекол: Може да видам кој го произведува ова? Излегува чичко Санде, постар човек, како мене, со мустаќи. „Седни до мене“, му рекол дипломатот. Овој седнал. „Ти го произведуваш кашкавалот?“ – „Јас“. – „Колку плата имаш?“ – „Околу 500 марки“, во тоа време. – „Кај мене ќе дојдеш, 5.000 марки ќе ти дадам, но овој кашкавал ќе го правиш“. На тоа Санде, иако неписмен ама стручен, се насмеал и му одгворил: „Важи, но и планината цела да ја донесеш кај тебе зашто нема друго поднебје како ова, со ваква трева и ваков воздух за овој кашкавал да се произведе. Мора и планината да дојде со нас за да го добиеме овој квалитет.“

МИА