Македонија со две победи пред УЕФА | ФФМ и МКД остануваат во употреба

1063

Македонија во ист ден извојува две победи надвор од фудбалскиот терен, и двете пред УЕФА.

Европската „куќа на фудбалот“ одговори негативно на протестното писмо од министерот за спорт на Грција, Лефтерис Авгенакис, известувајќи го дека остануваат во употреба кратенките ФФМ за Фудбалската федерација на Македонија и МКД за земјата на тековното Европско првенство.

Заменик-генералниот секретар на УЕФА, Кевин Ламур, во одговорот до Авгенакис, кој побара за дебитантот да се користи НМ (North Macedonia) или РНМ (Republic of North Macedonia) место МКД, вели дека УЕФА го следи примерот на другите спортски институции, како Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), и го користи кодот (МКД) од Меѓународната организација за стандардизација (ИСО) и ова е во согласност со член 1, параграф 3, точка е од Договорот од Преспа.

„УЕФА го користи терминот ‘Фудбалска федерација на Северна Македонија’ во официјалната комуникација, тоа е адаптирано во официјалната терминологија за ЕВРО 2020. Исто така, сакаме да потенцираме дека нема да дозволиме европскиот фудбал да стане место за пренесување било каква политичка порака и ќе продолжи да ја брани својата политика на неутралност. Во овој случај, Република Северна Македонија е пријавена дека ќе игра на фудбалскиот турнир со кратенката ‘ФФМ’ на својот дрес, односно иницијалите на Фудбалската федерација која го нема променето името според Преспанскиот договор. Исто така, во телевизискиот пренос ќе се користи кратенката ’МКД’ за Република Северна Македонија“.

Втората победа за Македонија е именувањето од УЕФА на инспектор за дисциплински и етички прашања со цел да спроведе истрага за однесувањето на австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ кој го навредуваше македонскиот ривал на теренот Езгјан Алиоски.

ФФМ побара најстрога казна за Австриецот со српско потекло за неспортското однесување по постигнувањето на последниот погодок во триумфот од 3:1 над Македонија во Букурешт.