Македонец зад научен труд за Ковид-19 на Американското здружение за заразни болести

331

д-р Перица Давитков е коавтор на научен труд на Американското здружение за заразни болести во кој се утврдуваат протоколите за постапување со пациенти со коронавирус.

Од Куманово до Кливленд. д-р Перица Давитков има дипломирано на Медицинскиот факултет во Скопје а завршено постдокторски студии во САД каде и работи повеќе од една деценија. Тој е коавтор на научен труд на Американското здружение за заразни болести во кој се утврдуваат протоколите за постапување со пациенти со коронавирус а кои имаат и други дијагнози.

„Трудот објаснува за различни аспекти на работа на здравствените работници кои што се грижат за пациенти со Ковид-19… Неодамна беше публикуван и веќе прифатен како протокол за работа во повеќето американски болници“ вели д-р Перица Давитков, гастроентерохепатолог.

Неговата специјалност е гастроентерохепатологија со посебен акцент на болестите на црниот дроб. Сепак, како што вели тој, нема област од медицината која не е погодена од коронавирусот.

„Рутинските прегледи во амбуланти се заменети со телефонски и преку камера. Рутинските колоноскопии се откажани и сега работиме само ургентни колоноскопии и ендоскопии“ вели д-р Давитков.

“Борбата во оваа фаза се сведува на ограничено ширење на вирусот меѓу луѓето бидејќи вирусот е вирулетен, лесно се пренесува”
д-р Перица Давитков, гастроентерохепатолог

Науката е согласна во едно – вирусот е нов и не е доволно проучен. Се додека не се пронајде вакцина или лек за широка употреба ќе остане меѓу нас, смета д-р Давитков.

„Борбата во оваа фаза се сведува на ограничено ширење на вирусот меѓу луѓето бидејќи вирусот е вирулетен, лесно се пренесува. Мислам дека повеќето земји меѓу кои и Македонија успешно се справија во изминатите месеци се со цел да не се преоптовари здравствениот систем и да дојде до колапс на целото здравство“ вели д-р Давитков.

“Сите треба да се придржуваме до препораките за социјално дистанцирање, носење маски, редовно миење на раце и позитивна мисла”
д-р Перица Давитков, гастроентерохепатолог

Сепак, тој е оптимист. Вели дека нема пречка која не може да биде надмината со работа и упорност а во моментов најголемите светски умови се фокусирани на наоѓање решенија.

„Веќе се работи на вакцини. Ние во мојот универзитет тука, имам колеги кои веќе ја пуштија во истражување на пациенти вакцината, а има и неколку лекови на кои што се работи. Во меѓувреме мислам дека сите треба да се придржуваме до препораките за социјално дистанцирање, носење маски, редовно миење на раце и позитивна мисла“ вели д-р Давитков.

Токму позитивните мисли односно одржувањето не само на физичкото туку и на менталното здравје, според д-р Давитков, мора да бидат приоритет за секој од нас.

„Неможноста за блиска комуникација, споделување емоции, финансиски проблеми можеби, страв од непознат вирус. Сето ова влијае врз сечие ментално здравје. Потоа, создавањето на нови навики, треба време за создавање на тие навики, но секако ние треба да продолжиме да функционираме и да продолжиме да придонесуваме за нашето и за заедничкото добро“ вели д-р Давитков.

Најголем дел од луѓето во овие кризни моменти покажаа емпатија и грижа за другите, смета д-р Давитков. Тој е убеден дека на крајот вирусот ќе биде поразен, а поуките што секој од нас но и целото човештво ќе ги извлече од пандемијата нема да бидат заборавени – верба во себе, во другите и секако во науката.

mk.voanews.com