Локалните жители масовно помагале во извлекување на повредените | МИА – Фото/Видео

90

Страотна слика на местото на настанот каде вечерва се случи смртносната автобуска сообраќајна несреќа.

Екипи од брза помош, против-пожарна служба, полиција, војска, специјални единици, хеликоптер на АРМ, како и огромен број локални жители ја спроведуваа тешката спасувачка акција со цел во што поголем број да ги извлечат повредените лица, како и телата на загинатите.

Покрај патот се гледаа телата на неколкумина загинати лица, поклопени со откинатите банкини, а до нив стоеа членови на семејства на патниците, целосно избезумени и без информации дали луѓето кои ги бараат се починати или повредени.

Човекот кој видел како се одвива целата несреќа, ни изјави дека според него, автобусот се движел со голема брзина, истакнувајќи дека летал и во првиот момент кога паднал се слушале ужасни крици од внатре. Веднаш се доближил и повикал помош.

Двајца мажи управуваа багери со цел да го кренат автобусот за да ги извадат луѓето кои се поклопени.

Автобусот, напукнат на два делови, а како што ни кажаа лицата кои веднаш интервенирале, токму тоа ја отежнало спасувачката акција.

Шофершајбната на автобусот беше летната на неколку метри, а сите делови беа распрскани околу смачканото железно, што беше останато од возилото.

Крв, чанти, мобилни телефони, како и делови од облека, се гледаа меѓу искршените стакла и искорнатите упропастени седишта.

На речиси 30 секунди пристигнуваше или заминуваше по едно амбулантно возило, неколкумина повредени лица беа пренесени во болница и со приватни возила.

Локалните жители постојано им помагаа на припадниците на полицијата и останатите служби кои беа на терен.

Велата, дека направиле се што било во нивна моќ, а и она што го видовме на терен го докажува тоа, целосна координираност и ажурност.

За жал, во оваа трагична несреќа, што се случи на автопатот Скопје – Тетово, меѓу Карпалак и Ласкарци, загинаа 13 лица.

Според последните информации, 22 лица се хоспитализирани, од кои шестмина се во критична состојба.

На местото на настанот се извршува увид, што ќе се спроведува во текот на целата ноќ.

Утре наутро Обвинителството ќе даде извештај за сите детали од сообраќајната несреќа.