ЖИВОТ

Лигуши – луѓе со „посебна моќ“

By kukuriku

September 26, 2026

Познавам такви луѓе. Ги среќавам, разговарам со нив и секогаш одново се прашувам: зарем навистина мислат дека никој не забележува што прават?

Сакаат да знаат сè за другите, а за сопствениот живот зборуваат малку. Пред вас се насмевнуваат, ги коментираат вашите одлуки и делат добронамерни совети. Неколку чекори подалеку, истата приказна ја раскажуваат поинаку.

Не ги сакам луѓето што го менуваат однесувањето според тоа кој ги гледа. На едно место молчат, на друго глумат храброст. Знам човек во близина на мојот изложбен салон кој, како што би рекле постарите, се врти како што дува ветерот. Кога му одговара, молчи. Кога ќе оцени дека може да извлече корист, коментира туѓи постапки и пренесува информации што му биле доверени.

Не ги сакам луѓето што се мешаат каде што не им е место, се шегуваат на туѓа сметка, а тешко прифаќаат шега за себе. Туѓото молчење го толкуваат како одобрување или како знак дека никој не ги забележува нивните провокации.

Кога ќе препознаам такво однесување, едноставно се оддалечувам. Ако морам да бидам во нивно друштво, внимавам што споделувам. И понатаму ме чуди како не им пречи сопствената „лигава трага“.

Од скриениот тефтер на една нормална жена – Орхидеја