Причината за оваа појава се високите температури на океаните поради климатските промени и загадувањето на планетата. Загрозен подводниот екосистем.
Бели корали на Големиот корален гребен во близина на Квинсленд
Големиот корален гребен во Австралија повторно побеле, по четврти пат во последните шест години, а причината за оваа појава, што значи колапс на уникатниот подводен екосистем, се неверојатно високите температури на океаните, досега незабележани во овој дел од годината. Иако експертите предупредија дека овој феномен може да се случи поради глобалното затоплување и драстичното загадување на планетата, тие самите не можеа да предвидат дека распаѓањето на коралите ќе следи толку брзо и дека ќе биде почесто, пишуваат светските медиуми.
Кога температурите се зголемуваат, коралите ги ослободуваат своите клучни „цимери“ поради стрес – морските алги кои живеат во нив и се нивниот примарен извор на храна. Овие алги им даваат на коралите посебна боја, но таа исчезнува кога алгите повеќе не се присутни.
„Ако температурата на океаните падне, изветвените корали можат да се опорават од овој стрес“, рече Дејвид Вејхенфилд, главен научник на австралиската управа за големи корални гребени, која е загрижена за нивното зачувување.
Меѓутоа, проблемот е што избелувањето на коралите се случува на сè пократки интервали, па тие немаат способност да се опорават од топлинскиот стрес на кој се изложени, но и од зголеменото загадување. Како резултат на тоа, сè повеќе корали исчезнуваат.
Највисоките температури во историјата на мерењата се забележани на Големиот корален гребен од ноември минатата година, а продолжија и во овој период, иако на јужната хемисфера почна есента. Експертите очекуваат дека температурата на океанот ќе биде повисока од просечната барем уште неколку недели, што лошо ќе се одрази на коралите.
Првото масовно белење на коралите е забележано во 1998 година, а следните четири години подоцна. Овој феномен не беше забележан во следните 12 години, за потоа повторно да следи во 2016 и 2017 година, кога повеќе од една третина од коралите на гребенот страдаа во 2020 година.
Изумирањето на коралите, сепак, не е забележано само во Австралија, туку и на сите гребени ширум планетата. Според меѓународните проценки, во периодот од една деценија, помеѓу 2009 и 2019 година, 14% од коралите исчезнале ширум светот. Колку е ризично распаѓањето на коралите за планетата и нејзините жители доволно говори фактот дека четвртина од морските видови во одреден период од животот зависат од коралните гребени, како и милиони луѓе кои наоѓаат храна и работа во нивна близина. Исто така, гребените се важни како заштита на брегот и луѓето од бурните ветрови.
Големиот корален гребен во Австралија, најголемиот на планетата, беше впишан на списокот на светско наследство во 1981 година, и иако УНЕСКО минатата година предложи да биде вклучен во списокот на загрозени локалитети на светското наследство, оваа земја сè уште има време и простор да најде начин да го спаси живиот свет на неа.
Овој уникатен воден екосистем е сериозно загрозен, предупредуваат австралиските експерти, а единствената вистинска надеж за негово закрепнување е да се намали ефектот на стаклена градина, односно да се намали загадувањето на планетата. Екологистите затоа потсетуваат на протоколите усвоени минатата година на еколошкиот самит во Глазгов и предупредуваат дека има се помалку време за заштита на флората и фауната на глобално ниво.