Контроверзија | Отворањето на границите атер за „премиерот Албанец“?

132

Директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Арбен Зибери, инаку од ДПА, ги повика преку својот фејсбук-профил иселениците „да си дојдат во татковината и да гласаат за премиер Албанец на изборите на 15 јули“, со што ги разгоре сомнежите и обвинувањата дека одлуката на Владата за отворање на границите е политички мотивирана.

Некои портали објавија информации дека Комисијата за заразни болести воопшто не препорачала отворање на границите, со оглед на епидемиолошката состојба во земјата.

Зибери отворено се пофали дека тој, „како член на Комисијата за заразни болести“, „помогнал“ да се отворат границите, и тоа без протоколите препорачани од Светската здравствена организација! Тој уште напиша дека укинувањето на тестирањето и 14-дневната изолација за иселениците е направено благодарение на придонесот на ДУИ во здравствените политики на владата!

Министерот за здравство Венко Филипче вчера демантираше дека Зибери е член на Комисијата за заразни болести, неговата изјава ја оцени како „евтина политичка кампања во предизборни цели“ и најави негово разрешување од директорската функција во ЦЈЗ.

Сепак, дека размислувањето на Зибери е такво, покажа и објавата на вицепремиерот Бујар Османи, кој претходно на Фејсбук напиша дека е „дојдено време да се отвораат аеродромите и границите без никакви ограничувања“. Премиерот Оливер Спасовски, пак, на прес-конференција негираше дека отворањето на границите од петок (денеска) има каква било врска со изборите.

Сајтот Сдк.мк објави дека Комисијата за заразни болести не дала никакви препораки да се отворат границите, но вчера претставници на Комисијата за „Слободен печат“ ја негираа или ја појаснуваа таа ситуација.

Александар Стојанов, член на Комисијата за заразни болести, вели дека уште од поодамна се разговарало за отворање на границите, само што се чекал моментот, кога, како и под кои услови и протоколи тоа да се направи.

– Нашето мислење е медицинско, а она на Кризниот штаб ја опфаќа поголемата слика, односно економскиот, културниот и демографскиот аспект. Ние гледаме за нашиот, медицинскиот дел, а дали ќе биде прифатено или не, тоа е надвор од нашиот домен. И за Бајрам велевме да биде три или четири дена карантинот, но тоа не се испочитува докрај. Има записник од состанокот на Комисијата и сѐ е протоколарно – изјави д-р Стојанов.

До Комисијата за заразни болести веќе почнале да пристигнуваат барања од организатори на концерти што се интересираат кога можат да почнат да ги канат изведувачите и да ги подготвуваат капацитетите.

– Освен за концертите, има и транспортни претпријатија што ни кажуваат дека не им се исплаќа да функционираат со капацитет од 50 проценти, па бараат да им дозволиме да работат со стопроцентен капацитет. Но видовме што се случи во Штип со превозниците кога функционираа на таков начин – вели д-р Стојанов.

Автобуските превозници повторно ги враќаат во функција меѓународните линии за превоз на патници што беа стопирани со рестриктивните мерки за спречување на вирусот ковид-19, а се очекува постепено враќање и на патниците на меѓуградските линии во внатрешниот сообраќај, од кои дел беа исто така со забрана за движење, а и останатите се користеа многу малку. Засега функционираат 30 проценти од меѓуградските линии.

Превозниците од Србија најавија дека од утре се враќаат со нормална фреквенција на опслужување на меѓународните линии со нашата држава. Се очекува тоа да го направат и превозниците кои одат за Бугарија и за Албанија, како и за Австрија и Швајцарија, а за другите држави превозниците чекаат официјална информација кои се условите за влез во тие држави.

Официјална Атина вчера соопшти дека засега останува на планот за отворање на границите на 1 јули, но изрази загриженост во однос на информациите за зголемениот број случаи на ковид-19 во соседните земји, оставајќи простор дека тоа отворање можеби нема да важи за Македонија.

Контроверзија: Отворањето на границите атер за „премиерот Албанец“?