Казни за ОМРАЗА на Интернет и до МИЛИОН ЕВРА!

73

По Германија, И Франција усвои закон за борба против омраза на интернет со цел да се отстранат онлајн платформите со такви содржини.

Со огромно мнозинство гласови, Долниот дом на францускиот парламент усвои нацрт-закон со кој треба да се запрат оние кои ја сеат омразата преку социјалните мрежи.

Вкупно 434 пратеници гласаа за законот, 33 беа против и 69 се воздржани.

Законот, доколку биде усвоен и во горниот дом на парламентот, ќе биде сличен на германскиот, кој е усвоен минатата година.

Платформите ќе треба да ги отстранат недозволените содржини во рок од 24 часа, во спротивно ќе бидат казнети со износ до 1,25 милиони евра. Исто така, ќе имаат обврска да обезбедат копче кое ќе им олесни на корисниците да пријават или да посочат на говор на омраза и коментари од таков вид.

Google и другите пребарувачи, исто така, ќе имаат обврска таквите содржини да ги отстрани во рок од 24 часа.

Целта на законот е да се отстранат содржини кои поттикнуваат омраза, насилство и навреди на расна или верска основа.

Парламентарката Летиција Авија, која го предложи законот, рече дека говорот на омраза на социјалните мрежи е јавен здравствен проблем и дека повеќето од Французите доживеале такво нешто.

“Треба да обезбедиме луѓето да бидат заштитени од тоа, особено оние најранливите групи”, рече таа објаснувајќи го законот.

Владините претставници истакнале дека заштитата на француските граѓани во дигиталниот свет е еден од националните приоритети.