Историчари од македонско-бугарската комисија се оградуваат од „историскиот ревизионизам“ на Заев

267

Оградување и осуда на изјавите на премиерот Зоран Заев стигна вечерва од членови на мешовитата македонско-бугарска историска комисија. Неколку членови на Комисијата се оградуваат од ставовите на премиерот.

Интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција Бгнес предизвика остри реакции меѓу историчарите кои се членови на македонско-бугарската историска комисија. Неколку членови на македонскиот дел од комисијата вечерва искажаа осуда на ставовите на Заев и се оградија од истите. Според информации на Дојче веле, најмалку тројца членови на Комисијата се оградуваат од искажаното во разговорот.

Ставот на македонските историчари е дека „се спротивставуваат на изјави кои содржат елементи на историски ревизионизам кој ги поткопува основните темели на Европа“.

Прва реагираше историчарката Љубица Спасковска која на својот Фејсбук профил апелираше до политичарите да не коментираат теми коишто не ги разбираат. Подоцна и се приклучи и политологот и нејзин колега од Комисијата, Огнен Вангелов.

„Како член на македонскиот дел од Комисијата, лично се оградувам и ги осудувам последните изјави на Премиерот и апелирам политичарите да се воздржуваат од тврдења и коментари со кои не се запознаени и не се од нивниот домен на познавања и експертиза“, вели историчарката Спасковска.

За неа е особено спорна оценката дали Бугарите (не) биле окупатори во Македонија во Втората светска војна.

“Бугарија не е фашистичка земја, Бугарија е наш пријател. Новите генерации не ја знаат целата оваа реалност и таа мора да нѐ обедини. И во Северна Македонија и во Бугарија, ова влијае на луѓето на многу погрешен начин“, рече Заев во еден дел од интервјуто.

Потоа повтори слична теза:

„Ние веќе заменивме повеќе од 20 табли во земјата каде што беше напишано ‘бугарски фашистички окупатор’. Ова не е точно – Бугарија не е фашистичка земја, Бугарија е наш пријател”, рече Заев.

За професорката Спасковска ваквите искази се спорни.

„Во цела западна историографија и во доменот на јавна историја терминот окупација е општоприфатен и за улогата на Бугарија во Втората Светска Војна доволно говори мировниот договор потпишан со сојузниците вклучително и со Македонија како дел од Југославија во 1947“, вели таа.

DW.COM