КУЛТУРА

Промоција на „Скротителка на змејови“ од Дијана Петкова

By kukuriku

October 18, 2022

Во среда, 19.0.2022, во Домот на културата „Кочо Рацин“-Скопје во големиот салон со почеток во 19:-00ч. Елена Пренџова ќе ја промовира „Скротителка на змејови“-хаи[бун]наку од Дијана Петкова.

Збирката содржи 64 хаи[бун]накуа што симболички ја претставуваат годината на раѓање на авторката.

Хаи[бун]наку, е нова кратка/куса форма на изразување – вкрстувачки жанр и може да се каже дека е варијанта на хаибунот.

Составен од краток/кус расказ и кратката/кусата поетска форма хаи[на]ку или превртено хаи[на]ку, хаи[бун]наку е едноставна форма, достапна на/за сите оние што сакаат на едноставен начин да му кажат нешто на светот, форма во којашто раскажувачот и поетот во шепот или викот се спојуваат на една страница.

…„хаи[бун]накуата на Петкова се егзистенцијалистички, медитативни, па дури и хумористични; се загледуваат во детството, животот, љубовта, зачинети се со фолклорни примеси и интертекстуално комуницираат со македонската книжевна традиција (на пр. Хаи[бун]накуто „Луциден сон“ пре-(рас)-кажува народно предание); тие се и автобиографски, а истовремено и сечиибиографски. Нејзините хаи[бун]накуа се раскази-слики, филмски кадри испишани со лингвистички дискурс, со фина и концизна нарација – Дијана Петкова демонстрира мајсторство во раскажувањето. Нејзините хаи[бун]накуа отвораат со многу моќни почетоци, привлекуваат и намамуваат на сигурен прочит“… ќе каже Елена Пренџова во рецензијата. За промоција на збирката ќе бидат користени две техники од Плејбек театарот: техниката Глава-стомак и техниката Приказна во приказна, коишто учесниците ги работеа минатата година со италијанско-швајцарската поетеса и актерка Лучила Трапацо, на десетдневната работилница, организирана од КСП Центар –Јадро, којашто ќе биде почесна гостинка вечерта.

Плејбек театарот е интерактивна форма на импровизиран, спонтан театар, во кој публиката зборува за некој момент од својот живот, чувство, сон, врска, меморија, детали, визија, конфликт – а потоа, на лице место и без глума и договор, актери и музичар сценски ги оживуваат моментите од животот и искуствените приказни од публиката. Единствениот услов е приказната да е лична и вистинита. Користејќи музика, импровизирани реквизити и разни други техники и театарски форми, актерите и музичарот оживуваат моменти од животот и искуствени приказни од публиката и на тој начин, повторно, ја враќаат во публиката како во огледало. Учесниците(актерите и музичарот) не се по професија актери или музичари, тоа може да биде секој. Во случајов, ќе бидат изведени две приказни од збирката наместо од публика. Авторката и Емилија Дамјановиќ ќе бидат актерки а ќе учествуваат и Наташа Малинка-Миновска–филозоф во улога на наратор, и Тони Шулајковски – сликар во улога на музичар.

Дијана Петкова е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Македонски јазик со историја на книжевностите на југословенските народи. Нејзината поезија е објавувана во списанијата „Современост“ „Стожер“ и ТЕА модерна и хрватското списание „Ирис“, а застапена е во антологијата „Отчукување на срцето во македонската поезија“ од Светлана Христова-Јоциќ (2012), во зборникот „Надреалистички гугилипапули“ со поезија и кратки раскази (2016), во Зборникот на Поетски слем Македонија (2021 и 2022) како и во повеќе е-збирки.

Досега ги издала збирките поезија „Стефанија“ (1999), „Деца од свила“- поезија со детски цртежи (2011), „Нова реалност за просторот“ (2013) , „Честичка свесност“ – хаику и хаига (2014), „Мамо што има за јадење?“- хаику готвач за свесни мажи и жени (2016), „Енсо•Поврзување со целоста“ – хаику и хаига (2017) и „Поврзи се…“ – хаиги, со фотографии од убавините на Македонија изработени од Камелија Шојлевска (2018), „Растајнување на светлината“ – хаинаку, превртено хаинаку и хаинага (2019), „Момент во денот“ енсо•хаику дневник (2020) и „Скротителка на змејови“ – хаи[бун]наку. Живее и работи во Скопје.