“Имаме право да ја претвориме АЈА СОФИЈА во џамија, тоа е наша работа”

360

Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу изјави дека Турција има право да го промени статусот на црквата „Аја Софија“ во Истанбул и да ја претвори во џамија, без оглед на мислењето на другите земји.

„Тоа не е меѓународна тема. „Аја Софија“ стана отоманска сопственост и се користела како џамија. Тоа е прашање на нашиот суверенитет. Зградата се наоѓа на списокот на наследство на УНЕСКО, неговото зачувување е една работа, а статусот е нешто сосем различно. Документот на УНЕСКО не ја споменува употребата на „Аја Софија“, рече Чавушоглу за НТВ.

Според Чавушоглу, не треба да има дискусии на меѓународно ниво, а одлуката за тоа ќе ја донесе Државниот совет на Турција.

Тој се осврна и на критиките што доаѓаа од Атина. Имено, грчкото Министерство за надворешни работи го осуди читањето на Куранот во „Аја Софија“ денес, кога беше одбележана годишнината од падот на Цариград, и ја оцени како обид на Анкара да го смени статусот на црквата, што исто така е и музеј.

„Грција е последната земја што може да не учи лекции. До ден-денес нема џамија во Солун што е отворена за верниците“, посочи шефот на турската дипломатија.

Неодамна, повторно се актуелизира приказната за повторна трансформација на „Аја Софија“ во џамија. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го објави тоа минатата година.

На годишнината од падот на Цариград, на 29 мај во „Аја Софија“ се одржа муслиманска молитва, во која Ердоган учествуваше и преку видео-врска. Овој настан предизвика голем одговор во светот.

Имаше жесток дипломатски спор меѓу Грција и Турција. Во таа прилика, Ердоган им порача на турските власти да ја подготват преобразбата во џамија.