Идентификувани десетте жртви на масовниот убиец во Колорадо | Меѓу настраданите и Србинот Невен Станишиќ | Видео

307

Србинот Невен Станишиќ (23) е една од жртвите во синоќешната пукотница на масовниот убиец во супермаркет во Колорадо, пренесуваат американските медиуми. Полицијата ноќеска го идентификува напаѓачот, како и неговите десет жртви, меѓу кои и Станишиќ.

Според пишувањата во американските медиуми, последната жртва била идентификувана околу два по полноќ по што биле известени и семејствата на настраданите.

Како што за српски Блиц потврдија од српската православна црква „Свети Јован Крстител“ во Лејквуд, една од жртвите е и нивниот парохијан Невен Станишиќ. Тој, според нив, тргнал на работа кога се случила пукотницата.

Останатите жртви се идентификувани како Дени Стронг (20), Рики Олдс (25), Тралона Бајтковијак (49), Ерик Тали (51), Тери Лејкер (51), Сузан Фонтејн (59), Кевин Махонеј (61), Лин Мареј (62) и Џоди Вотерс (65).

Пукотницата се случи на неколку километри од кампусот на Универзитетот Колорадо, во прехранбена продавница во која луѓе купувале намирници, но и примале вакцини против коронавирусот.

Вооруженото лице отворило оган во супермаркетот „Кинг Суперс“, а потоа и на околниот паркинг во местото Булдер. Зградата на супермаркетот била опколена од многубројни полициски сили кои по извесно време успеаја да го уапсат напаѓачот.

Напаѓачот е идентификуван како Ахмад ал Аливи Алиса (21) од Арвада во Колорадо. Тој се здоби со рана од нож во ногата при пресметка со полицијата и обвинет е по 10 точки за убиство и ќе биде спроведен во затвор во округот Болдер, откако ќе биде пуштен од болница.

– Со сето срце сме со семејствата на настраданите во ова злосторство. Посветени сме на истрагата и ќе обезбедиме правда за семејствата на жртвите, рече шефот на полицијата на Колорадо, Марис Харолд.