Поранешниот аналитичар на американската Агенција за национална безбедност (НСА) Едвард Сноуден доби руски пасош и положи заклетва за државјанство, изјави денеска неговиот адвокат Анатолиј Кучерена.
„Да, тој доби пасош. Положи заклетва“, рече Кучерена на прашањето на ТАСС дали Сноуден добил руски пасош.
Адвокатот исто така рече дека сопругата на Сноуден, Линдзи Милс, моментално ги доставува потребните документи за да добие руско државјанство.
Сноуден дојде во Русија на 23 јуни 2013 година, откако на почетокот на тој месец обелодени таен судски налог со кој на американските специјални служби им се дава пристап до сите повици што ги упатува американскиот мобилен оператор Верајзон.
Тој објави и податоци за супертајната програма на неговиот поранешен работодавач, Американската агенција за национална безбедност (НСА), „Призма“, која овозможи следење на електронските комуникации на многу интернет страници.