Герасимовски ги покани граѓаните на предновогодишна прослава и базар на 29-ти и 30-ти, на „Боемска улица 1“

534

Дводневна прослава на „Боемска улица 1“, со повеќе настани за сите жители, ова го најави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во денешното гостување во „Студио 10“, на ТВ 24 со Мишко Иванов.

„Планираме дводневен настан на првиот дел од ‘Боемската улица’, на 29-ти и 30-ти декември, со пејачи, ди-џеи, базари и настапи од децата од детските градинки и основни училишта. Благодарение на општествено одговорни компании, од Буџетот за оваа намена нема да потрошиме ниту еден денар“, изјави градоначалникот Герасимовски.

Герасимовски додаде дека во четврток (29.12.), почнувајќи напладне, присутните граѓани ќе можат да уживаат во точките кои ќе ги спремат децата од градинките и училиштата, да цртаат и да создаваат заедно, а можат да го посетат и базарот кој ќе биде поставен на локацијата.

“Во петок (30.12.), вториот ден од настанот, ќе биде резервиран за настапите на Дац и Александар Митевски, ќе имаме тамбураши, DJ Фиц од Студени нозе, Драган Б. Костиќ, а упативме покана и до Хорот на пензионери и тие да ни се приклучат и да бидат дел од нашата прослава“, посочува Герасимовски.

На крај, градоначалникот Герасимовски ги покани сите жители на општината, но и оние од другите општини, да дојдат на „Боемска улица 1“, да се придружат и да бидат дел од дводневната пригодна предновогодишна прослава закажана за четврток и петок (29.12. и 30.12.) и со забава, песна и насмевки заедно да ја испратиме старата и да ја дочекаме новата 2023-та година.