Фармацевт по грешка примил четири дози од вакцината против корона

507

Израелски фармацевт денес случајно примил четири дози од вакцината против коронавирус на Фајзер, но вели дека се чувствува добро.

Удај Азизи за ТВ Канал 12 изјавил дека неколку часа откако бил вакциниран и кога била забележана грешката, тој бил испратен во болница на испитување и набљудување.

Се чини дека лицето кое му ја дало вакцината не сфатило дека секое шише од вакцината на Фајзер содржи неколку дози, обично пет.

Фармацевтот рече дека досега чувствувал само лесни несакани ефекти, болка околу местото на инјектирање и дека забележал црвенило, пренесоа израелските медиуми.

Тој не се вознемирил кога му кажале дека по грешка примил четири дози од вакцината одеднаш и рече дека најверојатно ќе треба да прими друга доза за три недели.

Масовната вакцинација започна во Израел во неделата и најпрво се вакцинирани здравствените работници, а во понеделникот лица постари од 60 години.