Европа уште ќе ги поместува стрелките на часовниците

117

Укинувањето на промената во сметањето на времето, планирано за 2021 година, во Европа може да биде пролонгирано. Овој викенд стрелките на часовникот повторно се поместуваат за еден час – зимско сметање на времето.

Многу држави стравуваат дека може да дојде до различни временски зони, изјави портпаролка на Финското претседателство со ЕУ денеска за новинарите од медиумската група Функе. Европскиот совет уште нема заземено став за оваа тема, а не е извесно ни дали таа воопшто ќе се најде на дневен ред на следната средба на надлежните ЕУ-министри за сообраќај на почетокот на декември.

Европската комисија предложи поместувањето на часовниците да се врши уште оваа година, а Европскиот парламент донесе одлука тоа да заврши во 2021 година, но за тоа согласност треба да дадат и членките на ЕУ.

Германското Министерство за економија соопшти дека пред да биде донесена одлуката за укинување на сметањето на времето на зимско и летно, мора да бидат анализирани последиците кои би настапиле низ целата ЕУ. За германската влада е одлучувачко избегнување на „временски острови“ во европскиот заеднички простор. Во основа, германската влада е за укинување на промената во сметањето на времето, но таа остава отворено дали тоа ќе биде спроведено и во Германија.

Летното сметање на времето почна на крајот на март, а овој викенд, ноќта меѓу сабота и недела, часовниците се поместуваат од три на два часот, на зимско време, што значи граѓаните „ќе ќарат“ еден час.

www.dw.com/mk