Египетските археолози објавија две значајни откритија – извонредно сочуван град од византискиот период во оазата Дакла и 18 новооткриени антички гробници во близина на Александрија.
Властите очекуваат новите наоди дополнително да го зајакнат туризмот, една од најважните стопански гранки во земјата, пренесува CNN.
Откриен град од 4 век во срцето на пустината
Првото откритие е направено во оазата Дакла, во египетската Западна пустина, каде археолозите открија добро зачувана населба од IV век, од времето кога Египет бил дел од Византиската империја.
Според египетското Министерство за туризам и антиквитети, градот открива важни детали за урбаниот развој, економијата и секојдневниот живот во тоа време.
Археолозите ископале широки улици што се сечат под прав агол, јавни плоштади и централна базилика изградена во средината на IV век. Откриени се и две стражарски кули кои го обезбедувале градот.
Куќна црква, златни монети и записи од секојдневниот живот
Меѓу најинтересните наоди е куќа за која се верува дека му припаѓала на црковен ѓакон по име Тисус. Според археолозите, објектот најверојатно служел како куќна црква пред изградбата на главната базилика.
Во населбата се пронајдени и печки за леб, кујни, мелници за жито и други предмети што сведочат за секојдневниот живот на жителите.
Истражувачите откриле и бронзени монети со ликови на византиски императори, христијански симболи и латински натписи, како и златни монети од времето на римскиот император Констанциј II.
Особено вредно откритие се околу 200 керамички фрагменти (остраки) со испишани текстови кои содржат информации за трговски трансакции, преписка и административни записи од тоа време.
Откриени уште 18 антички гробници
Второто големо откритие е направено на археолошкиот локалитет Марина ел-Аламеин, околу 100 километри западно од Александрија.
Археолозите откриле 18 нови гробници – 11 врежани во карпа и седум изградени од варовник, со што вкупниот број откриени гробници на локалитетот достигна 48.
Во нив се пронајдени амфори, керамички садови, ламби, олтари и други погребни предмети.
Гранитен саркофаг и мистериозниот „златен јазик“
Меѓу најзначајните наоди се издвојува гранитен саркофаг долг 2,5 метри, во кој биле пронајдени човечки остатоци што сега се предмет на дополнителни анализи.
Во негова близина археолозите откриле и остатоци од гипсена статуа на сфинга.
Особено внимание привлече пронаоѓањето на четири златни парчиња поставени во устата на покојниците, практика позната како „златен јазик“. Според древните верувања, тоа требало да им овозможи на починатите да зборуваат во задгробниот живот.
Поттик за египетскиот туризам
Марина ел-Аламеин се смета за местото каде некогаш се наоѓал античкиот грчко-римски пристанишен град Левкаспис, кој цветал меѓу II и IV век.
Египетските власти веруваат дека новите археолошки откритија дополнително ќе го поттикнат интересот на туристите. По тешкиот период по политичките превирања во 2011 година и пандемијата, туризмот бележи силно закрепнување.
Според официјалните податоци, минатата година Египет го посетиле рекордни 19 милиони туристи, што претставува раст од 21 процент во споредба со претходната година. Само во првите четири месеци од 2026 година земјата ја посетиле 6,1 милиони туристи, што е дополнително зголемување во однос на истиот период лани.
Новите археолошки откритија се очекува да ја зацврстат позицијата на Египет како една од најатрактивните светски дестинации за љубителите на историјата и културното наследство.