Една четвртина од заразените со Ковид-19 во Македонија немаат симптоми

734

Бројот на заразени од коронавирус во Северна Македонија денеска достигна 219 луѓе. Заболените најчесто се жалат на кашлица и зголемена температура.

Речиси половината од заразените од Ковид-19 во земјава, 101 лице, се во две возрасни групи, меѓу 30 и 39 години и меѓу 50 и 59 години. Доколку на нив се придодадат и заразени на возраст меѓу 40 и 49; и над 60 години, се доаѓа до податок дека речиси три четвртини од носителите на коронавирусот се над 30 години.

Симптомите кои ги пријавиле заразените, а кои денеска ги објави Институтот за јавно здравје се на линија на оние кои ги констатира и Светската здравствена организација на светско ниво. Имено, најголемиот дел (67%) се пожалиле на кашлица, а 64% на зголемена температура- двата клучни симптоми на новиот коронавирус.

Интересно е што повеќе од една четвртина од заразените немаат никакви изразени симптоми. Останатите исто така чувствуваат и слабост, главоболка, болка во грло и треска.