Дијана Петкова | Промоција и изложба во Домот на културата „Кочо Рацин“-Скопје

205

Во петок, 14.11.2025, во Домот на културата „Кочо Рацин“-Скопје во големиот салон, со почеток во 20:-00ч. ќе биде промовирана збирката„Разбудена вода“-хаи[бун]наку и ќе биде отворена изложба на слики „Будна вода“ од Дијана Петкова.

Збирката содржи дваесет хаи[бун]накуа и дваесет фотографии од слики изработени од Дијана Петкова. На промоцијата ќе биде отворена изложба на слики од циклусот „Будна вода“. Циклусот опфаќа четириесет дела, но само дваесет слики работени во техниката акрилик на платно и комбинирана техника ќе бидат изложени во петок. Сликите се работени во периодот од 2022 – 2025 година.

Збирката ќе ја промовира Елена Пренџова-поетеса, слемерка, преведувачка од англиски на македонски јазик и обратно, којашто во рецензијата за збирката вели:

… „Во најновата книга на Дијана Петкова, симболот на водата е многу моќен. Авторката пишува за свеста на водата, но и за свеста за водата; во својот вовед водата ја става на пиедестал велејќи дека водата е нејзината „водилка-придружничка“. Низ хаи[бун]накуата се среќава богат речник што укажува на симболот на водата во сите нејзини агрегатни состојби и со сите нејзини физички и хемиски својства: река, небо, облак, водолии, солзи, плови, море дури и топоними(на пример: Треска, Радика, Гратче, Бабуна, Вардар), но и симболи со антонимско значење (на пример: каменот)….

…„Разбудена вода“ претставува и пример за таканаречено женско писмо и тоа од многу аспекти. Прво, напишана е во жанр измислен и промовиран од жена авторка, кој се базира на жанр што, исто така, е измислен и промовиран од жена авторка, а на ова може да се надоврземе и дека ниту еден маж автор никогаш претходно не напишал книга во овие жанрови. Второ, за разлика од „машките“ патописи, што се дескриптивни, фактички, понекогаш дури и оценувачки, „женските“ патописи на Дијана Петкова се пишувани од една сосема поинаква фокализација; тие се поетични и интроспективни и прават силни паралели меѓу внатрешниот душевен и надворешниот конкретен свет. Уште во втората реченица на воведот, авторката го воведува симболот на водата како нешто „најженско“:„[водата] ме следи уште од мојот зачеток, во утробата на мајка ми, преку моето раѓање и продолжи во мојата утроба со раѓањето на двете деца што ги донесов на овој свет“. Таа поврзаност на жената и мајката со водата се провлекува низ сите хаи[бун]накуа во збирката, па и во воведот….
…„Разбудена вода“, меѓу другото, претставува и книжевно дело со еколошка свест и порака, а тоа го прави ова дело општествено одговорно. Имено, фактот што водата е препознаена како важен природен ресурс, а истовремено и како важен книжевен симбол, го мапира ова книжевно дело меѓу ретките книжевни, ненаучни дела посветени на екологијата и инспирирани од неа. Во делото се читаат јасни пораки за важноста на водата како природен ресурс, меѓу кои и поракта за „подигнување на свеста кај луѓето за значењето на водата и за развивање одговорен однос кон неа“….

Во промоцијата учествуват и Цветанка Бурзевска-лиценциран психолог и европски сертифициран арт терапевт и Виолета Калиќ-историчар на уметноста.

Дијана Петкова е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конеси“ во Скопје, на групата Македонски јазик со историја на книжевностите на југословенските народи.

Нејзината поезија е објавувана во списанијата „Современост“ „Стожер“ и ТЕА модерна и хрватското списание „Ирис“, а застапена е во антологијата „Отчукување на срцето во македонската поезија“ од Светлана Христова-Јоциќ (2012), антологијата „Самодиви“ од Јулијана Величковска и Славе Ѓорго Димоски (2023),во зборникот „Надреалистички гугилипапули“ со поезија и кратки раскази (2016), во Зборникот на Поетски слем Македонија (2021, 2022,2023 и 2024) како и во повеќе е-збирки.
Досега ги издала збирките поезија „Стефанија“ (1999), „Деца од свила“- поезија со детски цртежи (2011), „Нова реалност за просторот“ (2013) , „Честичка свесност“ – хаику и хаига (2014), „Мамо што има за јадење?“- хаику готвач за свесни мажи и жени (2016), „Енсо•Поврзување со целоста“ – хаику и хаига (2017) и „Поврзи се…“ – хаиги, со фотографии од убавините на Македонија изработени од Камелија Шојлевска (2018), „Растајнување на светлината“ – хаинаку, превртено хаинаку и хаинага (2019), „Момент во денот“ енсо•хаику дневник (2020), „Скротителка на змејови“ – хаи[бун]наку(2022) и „Разбудена вода“– хаи[бун]наку(2025).

Организирала четириесет и седум самостојни изложби на реномираниот академски сликар Тони Шулајковски, а истовремено го менаџира неговото творештво. Напишала предговори во каталозите за неговите изложби: „Друг свет“, „Под дејство на звукот“, „Пеш низ звукот“, „Воздишка за просторот“, „Интергалактички реакции“ и хаику за каталогот на изложбата „Предградие на свеста“.

Во креативниот центар „Арс вивенди“, каде што работи како менторка во студиото за креативно пишување, организирала дваесет завршни изложби и промовирала шест книги: „Слободна вода“, „Тивките сили на духот“, „Мисли молкома“, „24/7“, „Месечино, диши! и „Дремката на облакот“, изработени од деца – членови во овој креативен центар и заедно со Тони Шулајковски ги соочува децата со убавината на нивната креативност.

Авторски потпис ставила на две самостојни изложби во галериите на Домот на културата „Кочо Рацин“ и на четири онлајн изложби на платформата Artsteps, а учествувала и на повеќе групни изложби.

Живее и работи во Скопје.