ИЗЈАВА ЗА МЕДИУМИТЕ
„Љубовта е“ има приказна што трае повеќе од две децении. Ја напишав веднаш по „Златни жици“, со која настапив на изборот за македонски претставник на Евровизија. Понесен од тој творечки занес, му ја предложив на Мики Јовановски Џафер. Имавме и работна средба, но поради сплет на околности соработката тогаш остана недовршена.
Песната го дочека своето прво фестивалско претставување на Макфест во 2018 година, во моја изведба. За неа снимив и видеоспот во Загреб и Дуго Село, со хрватската продукциска куќа „Dugoselangeles“.
Сепак, фестивалската верзија беше скратена за две строфи поради времетраењето. Со новата верзија ги враќаме и нив, а со тоа и целосната приказна на песната. Тоа ми е особено драго и поради Огнен Неделковски, авторот на текстот, кому тешко му падна тогашното скратување. Верувам дека сега му ја враќаме насмевката, затоа што секој стих повторно го добива своето место.
Денес, со Мики Јовановски Џафер и Дарио, во соработка со Валентино Скендеровски и Томче Бојаџиески, ѝ даваме нова енергија. За мене, ова е и остварување на една одамнешна желба – песната конечно да го добие обликот што долго го носев во себе.
Текстот и музиката заедно заокружуваат еден љубовен круг, а секој од нас внесува свое чувство во интерпретацијата. Како ќе допре тоа до слушателите, најубаво е да кажат самите. Мојата желба е да ја слушнат со отворено срце и во неа да пронајдат нешто свое.
„Љубовта е“ е дел и од една поширока творечка приказна со која одбележувам „50 години живот со музика“. Планирам во проектот да се вклучат дваесет наши пејачи и инструменталисти, а за секој од нив имам избрано по една своја песна. Ме радува можноста тие песни да добијат поинаков израз преку сензибилитетот на моите колеги.
Следна е дуетската соработка со Анета Љумаковска, со песната „Капка капинаше“ (и оваа песна има своја приказна), која планираме да ја реализираме до крајот на годинава.
Ви благодарам за поддршката и за просторот што ѝ го давате на оваа музичка приказна да стигне до публиката. Така, чекор по чекор, создаваме нови музички средби и нов живот за песните.
Џина Паппас Џокси
*Аудиопромоцијата ќе се одржи на 26 октомври, во 12:00 часот, во Beer Garden – Дебар Маало, Скопје. Ќе се дружиме, ќе ја слушнеме новата верзија, а дел од атмосферата ќе стане и дел од нејзината визуелна приказна: настанот ќе се снима, а соодветни кадри ќе бидат искористени за видеоспотот.