ЖИВОТ

Денес е 8 Септември – Денот на независноста на Македонија

By kukuriku

September 08, 2026

За политика никогаш не ме бидувало многу. Мојот јазик отсекогаш била музиката.

Повеќе од пет децении пишувам песни за љубовта, за луѓето, за времето во кое живееме, за она што нè радува и она што нè боли. И колку повеќе години минуваат, толку повеќе сфаќам дека татковината не е само место на картата.

Татковината е она што го носиме во себе.

Во јазикот на кој ја кажуваме првата љубов. Во песната што нè враќа дома. Во звукот на гајдата и кавалот што го препознаваме уште од првиот тон. Во Велигденското утро, во семејната трпеза, во спомените што ги предаваме од една генерација на друга.

Кога ја создавав „На Велигден“, не размислував за големи зборови. Сакав современата песна што ја пишувам да го носи и звукот на земјата од која доаѓам.

Денес мислам дека токму во тоа е смислата на творењето: да создадеш нешто свое, а во него луѓето да препознаат нешто заедничко.

Државите имаат датуми. Народите имаат паметење. А песните понекогаш го чуваат тоа паметење подолго од сите нас.

Нека ни е честит 8 Септември.

Да ја сакаме Македонија не само денес, туку и преку она што секој од нас го создава, го остава и го предава на генерациите што доаѓаат.

Џина Паппас Џокси 50 години живот со музика