Даглас МекГрегор, кандидат за нов американски амбасадор во Германија | “Косово е исламска нарко-држава”

178

Кандидатот за нов американски амбасадор во Германија, Даглас МекГрегор, ја критикуваше американската интервенција на Косово во 1999 година, оценувајќи дека е насочена против православните христијански Срби и дека по неа е поставена муслиманска нарко-мафија, која беше наречена успех за демократијата, пишува Си-Ен-Ен во текст во кој медиумот потсетува на неговите други изјави, кои ги нарекува „ксенофобични“ и „расистички“.

„Овие луѓе никогаш не биле наши пријатели“, рече МекГрегор, кој треба да го замени Ричард Гренел како амбасадор во Германија.

Си-Ен-Ен наведува дека покрај изјавите во корист на Србија, иако во тоа време како воено лице учествувал во подготовката на кампањата на НАТО, МекГрегор дал низа изјави кои се во спротивност со официјалната политика на Вашингтон, како на пример кога тој застана на страната на Русија во конфликтот со Украина.

Текстот проценува дека, доколку неговото назначување биде одобрено од страна на американскиот Сенат, тоа ќе означи уште една ниска точка за американско-германските односи, што се влошија за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп.

Портпаролот на Белата куќа, Џад Дир, по електронска пошта изјавил за Си-Ен-Ен дека МекГрегор е високо квалификуван за работата амбасадор, осврнувајќи се на знаењето на германската историја и јазик што ги научил додека служел во Западна Германија.