Аргентина, Франција, Шпанија и Англија се четирите селекции кои останаа во битката за светската титула. По комплетирањето на четвртфиналните пресметки, познати се и четирите можни сценарија за големото финале на Светското првенство, кое ќе се одигра на 19 јули на стадионот „Њујорк – Њу Џерси“.
Без разлика кој ќе стигне до последниот натпревар, едно е сигурно – светскиот шампион ќе биде репрезентација која веќе има освоено титула. Англија и Шпанија ќе се обидат да стигнат до својата втора светска круна, Франција ќе атакува на третата, а Аргентина има можност да ја освои четвртата титула и да стане првата репрезентација по Бразил (1958 и 1962) што успешно ќе ја одбрани светската круна.
Во продолжение – четирите можни финалиња.
Франција – Англија: Големо европско дерби
Доколку Франција ја совлада Шпанија, а Англија ја елиминира Аргентина, ќе добиеме прво финале на Светско првенство меѓу овие две фудбалски велесили.
За Англија тоа би било второ финале во историјата, по триумфот на домашен терен во 1966 година, додека Франција би обезбедила трето последователно мундијалско финале, по настапите во 2018 и 2022 година.
Дополнителна атракција ќе бидат директните дуели меѓу клупските соиграчи. Килијан Мбапе и Џуд Белингам, соиграчи во Реал Мадрид, би се нашле на спротивни страни, исто како и Хари Кејн и Мајкл Олисе од Баерн Минхен.
Англичаните ќе имаат и дополнителен мотив – реванш за елиминацијата од Франција во четвртфиналето на Светското првенство во Катар 2022.
Франција – Аргентина: Реприза на легендарното финале од Катар
Една од најпосакуваните можности е ново финале меѓу Франција и Аргентина – реприза на спектаклот од Катар 2022, кој многумина го сметаат за едно од најдобрите финалиња во историјата на фудбалот.
Аргентина тогаш ја освои титулата по драматичните 3-3 и подобро изведување пенали, а Французите сега би имале можност за реванш.
Освен борбата за трофејот, во центарот на вниманието повторно би биле Килијан Мбапе и Лионел Меси – две од најголемите ѕвезди на светскиот фудбал.
Ова би бил и трет голем мундијалски дуел меѓу двете репрезентации во последните три светски првенства. Франција славеше со 4-3 во осминафиналето во Русија 2018, додека Аргентина возврати со победата во финалето во Катар.
Шпанија – Англија: Ново поглавје по финалето на ЕУРО 2024
Победи на Шпанија над Франција и Англија над Аргентина би донеле уште една реприза – овојпат на финалето од Европското првенство 2024.
Тогаш Шпанците славеа со 2-1, а Англичаните би добиле можност за спортски реванш на најголемата можна сцена.
Иако станува збор за две европски сили, тие само двапати играле меѓусебе на Светските првенства. Шпанија победи со 1-0 во 1950 година, а вториот натпревар, во 1982 година, заврши без голови.
Финале меѓу овие селекции би било нивниот прв мундијалски дуел во нокаут-фазата и прва борба за светската титула.
Шпанија – Аргентина: Судир на европскиот и светскиот шампион
Доколку Шпанија и Аргентина ги добијат полуфиналните натпревари, ќе гледаме финале меѓу актуелниот европски и актуелниот светски шампион.
Тоа би било прво мундијалско финале со ваков распоред на титулите и натпревар со силна историска тежина.
Аргентина би атакувала на четвртата светска титула, со што би се израмнила со Германија и Италија на вечната листа, додека Шпанија би се борела за втората титула во својата историја.
Посебен фокус ќе привлече и можниот дуел меѓу Лионел Меси и Ламин Јамал – две генерации на фудбалски мајстори кои би можеле да се најдат на спротивните страни во битката за највредниот трофеј во светскиот фудбал.