Бугарија се плаши од територијални претензии, ќе се храбри со анекс

112

Договорот за добрососедство што Македонија и Бугарија го потпишаа во 2017 година сепак ќе се допрецизира со анекс за дообјаснување, и покрај тоа што деновиве и македонската и бугарската страна тврдеа дека Договорот е добра основна за развивање пријателски односи меѓу двете земји и нема потреба да се менува, туку само да се почитува и доследно да се спроведува.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера најави дека работни групи од Македонија и од Бугарија секојдневно работат на надминување на разликите во врска со примената на договорот и рече дека е оптимист дека Македонија до крајот на годината ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ, а Бугарија нема да го блокира процесот.

Тој вчера не сакаше да го коментира барањето на бугарскиот европратеник од редовите на владејачката партија ГЕРБ, Андреј Ковачев, да се избрише терминот „бугарски фашистички окупатор“ од македонските споменици, но апелираше историчарите од мешовитата комисија за историски и образовни прашања да најдат начин за ублажување на тонот.

Според домашните историчари, очигледно е дека на Бугарија најмногу ѝ пречат термините „фашистички“ и „окупатор“, а Владо Поповски смета дека атрибутот „фашистички“ може и да не го применуваме во име на добрите односи во иднина ако многу инсистираат, но не можеме да не го применуваме терминот „окупатори“.