Бројот на заболени деца од ковид-19 за неполн месец се зголеми за 6,5 пати

212

Бројот на заболени деца од ковид-19 е во постојан пораст, како што расте и вкупната бројка. Придонес за тоа дава и фактот што по завршување на училишната година и олабавувањето на мерките децата своето слободно време го поминуваат по парковите и меѓу зградите каде се собираат во голем број.

Лекарите велат дека, иако вирусот кај децата дава полесни симптоми, останува опасноста дека тие се најголеми преносители, поради што и советуваат малите деца да не се мешаат во групи со други деца додека пак повозрасните да се учат на здравствена култура и да не се собираат во групи поголеми од 5-6 деца.

Последниот извештај на Институтот за јавно здравје покажува дека кај деца на возраст од 0-9 се регистрирани 349 случаи, а кај оние на возраст од 10-19 години, 357 случаи. Пред помалку од еден месец односно на 20 јуни, кај децата од 0-9 имало само 53 случаи, додека кај возрасната група од 10-19 години 58. Бројките покажуваат дека бројот на заболени деца и млади е зголемен за околу 6,5 пати и тоа за неполн месец.

Д-р Александар Митов вели дека од почеток имаше многу ставови за Ковид-19 на кои се навикнавме и сега ни е тешко да ги смениме.

– Еден од нив е дека болеста е посериозна исклучиво кај повозрасната популација, но ако ги анализираме бројките од нашата земја ќе видиме дека и не е баш така. Затоа, апел до родителите да разговараат со своите деца и дружењето во овој период да биде во согласност со мерките и препораките – вели Митов.

На Институтот за белодробни заболување кај децата „Козле“ во моментов се лекуваат девет деца заболени од ковид-19 и пет мајки. Кај 5 деца вчера имаше лабораториска потврда за присуство на вирусот додека за четири се чекаа резултати. Децата лекарска помош побарале поради покачена температура и кашлица, по што е поставена дијагноза.

– Кај децата клиничката слика е полесна, без потешки компликации. Терапијата која ја користиме во лекувањето е вообичаена што ја даваме согласно симптомите кои ги имаат. Но ова што згрижува е фактот дека тие се најголеми преносители и поради тоа мора повеќе да се внимава. Родителите тука имаат важна улога – вели д-р Ангелчо Андоновски, директор на институтот „Козле“.

Тој вели дека родителите мора да ги учат децата на здравствена култура, односно да им објаснат зошто треба да избегнуваат групи поголеми од 5-6 деца и задолжително да носат маска.

– Факт е дека децата не може да останат дома, а поради состојбата со вирусот редуцирано е одењето на летување. Препораката е помалите деца оние на возраст до 7-8 години да прошетаат со своите родителите, додека оние повозрасните да се дружат во мали групи и да носат заштитни маски. Мора да се избегнува она што секојдневно го гледаме по парковите и на другите јавни површини, собирање на големи групи соседи, роднини и пријатели – вели Андоновски.

Вкупната бројка на заболени од ковид-19 се искачи над 8.000. Скопје и Тетово се наоѓаат во фаза 4 – широко-распространета трансмисија во заедницата, додека Штип, Ресен, Куманово, Струга, Дебар и Свети Николе се во фаза 3 – локализирана трансмисија. Останатиот дел од Република Северна Македонија е во фаза 2 – спорадични случаи.