Боки 13 со лисици донесен во судот на распит | Видео

175

Првиот човек на 1ТВ и неформалниот директор на БМЈ медиа груп, Бојан Јовановски познат како Боки 13 со лисици на рацете во придружба на полицијата беше донесен на распит во Кривичниот суд откако попладнево беше уапсен на граничниот премин Богородица, објави Макфакс.

Јовановски е првоосомничен во најновата истрага на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Јовановски заедно со Зоран Милевски Кичеец е обвинет за примање награда за противзаконско влијание како и за перење пари.

Шефицата на Одделот за гонење организиран криминал, Вилма Русковска, на прес- конференција најави дека за двајцата осомничени обцинителството ќе бара притвор.

„Истражната постапка се води затоа што во периодот од месец ноември 2018-та, до април 2019-та, првоосомничениот искористувајќи го своето влијание врз јавен обвинител влијаел во истрага да се олесни постапката на едно осомничено лице, а второто лице континуирано договарало средби. На средбите, тие ги увериле сведоците дека првоосомничениот има влијание врз обвинителот и барале 1.500.000 евра за да го искористи тоа влијание. Тие пари, во два наврати им се исплатени. Средбите се одржувале на повеќе места, во домот на сведоците и на првоосомничениот. Биле побарани вкупно 8.000.000 евра за да се запре предистражната постапка, а доколку таа не биде запрена, за делото да има олеснителни околности, тогаш тој требало да им исплати 5.000.000 евра, во кои влегувале и претходно дадените пари. Останатите 4.000.000 евра било договорено да се исплаќаат суксесивно на четири рати“, изјави обвинителката Вилма Русковска.

Според предистрагата, во периодот од април 2018 до април 2019 година тие барале рекет од бизнисмен, за преку извесен јавен обвинител на кој не му беше соопштен идентитетот, да биде олеснета постапката што се води против него. Од бизнисменот биле барани 8 милиони евра, а добиле 1,5 милиони евра.