Богдановиќ доследно во духот на српската традиција даде завет пред Јелена и пред Бога

286
Фото: Слободен печат

Градоначалникот на Центар Саша Богановиќ и избраничката на неговото срце Јелена Брауновиќ, Светата Тајна Венчание ја примија денеска во Манастирот Успение на Пресвета Богородица во Грачаница.

Кратко време по пристигнувањето на роднините, во дворот на живописниот српски средновековен манастир на Грачаница, пристигна младоженецот облечен вообичаено за ваков свечен момент, костум.

Неговата избраничка Јелена Брауновиќ дојде облечена во прекрасна комбинација на традиционалното и модерното – бел невестински фустан со етно елементи – кус и долг елек кои се дел од црногорската женска народна носија.

Во црквата, чинот на венчавка го изврши архимандритот Иларион, кој му е заменик на владиката Рашко – призренски Теодосије кој пак испрати благослов до младенците.

За време на венчавката Иларион потсети дека бракот е предизвик и, иако во текот на беседата се споменува дека жената треба да се плаши од мажот, не смее мажот да заборави дека не е христијански да се биде насилен и дека во бракот двајцата треба да се почитуваат и сакаат.

Младенците додека се венчаваа во црквата носеа цветни круни, односно венчиња со бело цвеќе, што исто така претставува враќање кон изворното, со оглед на тоа што металните круни биле наметнати од Австроунгарците.

Пред црквата се пееја песни од богатата српска историја и традиција, а дефинитивно најдобар глас имаше невестата, Јелена која пак е наставничка во скопското училиште „Киро Глигоров“ во Скопје, а запеа и градоначалникот, понесен од свечената атмосфера која ја надополнуваа и гостите како и домаќините од Грачаница, облечени во костими кои соодветствуваат на српската средновековна историја.

На крајот од свадбената церемонија и младоженецот облече традиционална српска народна носија.

Младоженците и гостите по ова заминаа на ручек во елитен ресторан во Грачаница. Пред неколку дена градоначалникот Богдановиќ најави дека со оглед на тоа што свадбените веселби во Македонија се забранети поради епидемијата од коронавирус, кога ќе има услови со Јелена ќе направат и свадба во Скопје за своите роднини и пријатели.

Како што може да се забележи од фотографиите, гостите на венчавката на Богдановиќ не носеа маски во текот на целата церемонија во Грачаница, иако на Косово како и во сите земји од регионот и во Европа, носењето маски е задолжително, како и држењето на дистанца.

На Косово деновиве пандемијата е со помали размери, односно за разлика од останатите земји во регионот се уште на дневна база има двоцифрени бројки новозаразени.

Денеска пак во земјата се регистрирани 137 новозаболени лица од коронавирус.

За влез на Косово не е потребен ПЦР тест за македонските граѓани и обратно.

Слободен печат