ЕСА тврди дека астероидите кои потенцијално претставуваат реална закана за Земјата се под „будното око“ на мрежа од телескопи.
Повеќе од 30.000 астероиди блиску до Земјата (near Earth asteroids, NEA) се откриени во Сончевиот систем, што претставува пресвртница за астрономите кои го следат движењето на вселенските карпи во соседството на Земјата.
Според Европската вселенска агенција (ESA), сега на астрономите им се познати вкупно 30.039 астероиди блиску до Земјата, а тој број и понатаму рапидно расте. Астероидите блиску до Земјата се карпести тела кои орбитираат околу Сонцето по патека што ги носи блиску до орбитата на Земјата, а некои имаат потенцијал да ја погодат нашата планета.
1.425 потенцијални закани
ESA тврди дека има 1.425 вакви астероиди од вкупниот број откриени досега. ESA појаснува дека станува збор за астероиди со „нула процентна шанса за судир“ со Земјата и затоа се под „будното око“ на мрежа од телескопи.
Според ESA, повеќето од 30.000 астероиди блиску до Земјата се откриени во изминатата деценија, благодарение на брзите подобрувања во технологијата поврзани со набљудувањата на овие тела во Сончевиот систем.
Добрата вест е дека повеќе од половина од астероидите блиску до Земјата познати денес се откриени во последните шест години, што покажува колку се подобрува нашата визија за астероиди. Како што покажува оваа нова пресвртница од 30.000 откривања, и како што се градат нови телескопи и методи за откривање, прашање на време е кога ќе ги најдеме сите, рече Richard Moissl, шеф за планетарна одбрана на ESA.
Од тие 30.039 астероиди, се проценува дека 10.000 се поголеми од 140 метри во дијаметар, а 1.000 се поголеми од еден километар во дијаметар, што само ја нагласува потребата да се следат овие вселенски карпи.
Милион астероиди откриени досега во Сончевиот систем
Во Сончевиот систем досега се откриени околу еден милион астероиди. Повеќето од нив се во астероидниот појас, област во облик на прстен во Сончевиот систем лоцирана приближно помеѓу орбитите на планетите Јупитер и Марс.
Првиот досега откриен астероид од ваков вид, именуван 433 Eros, првпат бил забележан од германскиот астроном Carl Gustav Witt во Берлинската опсерваторија на 13 август 1898 година.
Познат по својата чудна, издолжена форма и карпеста структура, орбитата на Eros 433 го носи на околу 21,6 милиони километри од Земјата, што е 57 пати повеќе од растојанието на Месечината од Земјата.
Покрај тоа што е првиот откриен астероид блиску до Земјата, 433 Eros стана и првиот астероид околу кој кружело вселенско летало и на кој прво се слетало. Вселенското летало NEAR Shoemaker го проучувало Eros од блиска орбита една година пред да слета на неговата површина во февруари 2001 година.
Предвидување на траектории на астероиди
Астероидот обично се класифицира како блиску до Земјата кога неговата траекторија го носи на 1,3 астрономски единици (AU) од Сонцето. Една астрономска единица е растојанието помеѓу Сонцето и Земјата (150 милиони километри), така што многу астероиди се уште се доста далеку од нас. За среќа, астрономите можат да ја откријат нивната позиција и дали ќе удрат на Земјата стотици години во иднината.
Новите објекти се набљудуваат со текот на времето, нивните движења се проучуваат и со само неколку податоци од различни набљудувања може да се предвидат нивните идни позиции. Во зависност од бројот и квалитетот на набљудувањата, ова може да се прошири со децении, дури и стотици години во иднината, вели Marco Micheli, астроном во Центарот за координација на објекти блиску до Земјата на ESA.
Во просек, Земјата ја удира карпа со големина на фудбалско игралиште на секои 5.000 години, а астероид кој потенцијално може да ја уништи цивилизацијата на секои милион години, покажуваат податоците од Програмата за објекти блиску до Земјата на NASA.
DART мисијата на NASA
Во обид да се справи со заканата од астероиди кои еден ден можат опасно да се приближат до Земјата, NASA формира планетарна одбранбена програма, која ја вклучува мисијата за Двојно пренасочување на астероиди (DART). DART е лансиран од Калифорнија минатиот ноември и конечно го заврши своето 10-месечно патување кога удри во астероидот Dimorphos минатиот месец.
Dimorphos орбитира околу поголем астероид наречен Didymos, и двата се на околу 11 милиони километри од Земјата. DART удри во помалиот од двата астероиди со повеќе од 22.000 километри на час и беше уништен при удар, додека Dimorphos доби „мал поттик“ за да ја промени својата траекторија. NASA претходно овој месец објави дека мисијата била успешна бидејќи леталото успеало да ја скрати орбитата на Dimorphos околу поголемиот астероид за 32 минути.
Мисијата вредна 325 милиони долари е навистина само дегустација на она што може да биде потребно доколку некој ден друг астероид ѝ се закани на Земјата. Во оваа смисла, ниту Dimorphos ниту Didymos не претставуваат никаква опасност за Земјата.