169 македонски граѓани од Загреб се вратија во Македонија

243

Министерството за надворешни работи информира дека во соработка со Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за здравство на Република Северна Македонија, вечерва е организирано враќање во земјата на 169 македонски граѓани од Загреб.

Претходно, во попладневните часови беше организиран лет за 118 македонски граѓани од Валета, Малта.

– Репатријацијата беше организирана со летови на авиопревозникот Виз Ер, којшто за овие две дестинации на јавниот повик од Владата на Република Северна Македонија, понуди најниска цена за авио билетите. Граѓаните се обврзани сами да ги покријат трошоците за авио превозот, додека задолжителниот 15 дневен карантин којшто беше еден од условите за нивна репатријација, е на товар на државата, се наведува во соопштението од МНР.

Од МНР, исто така, информираат дека повикувајќи се на приниципите на солидарност и во духот на добрата регионална соработка, на овие летови биле превезени и девет странски државјани, по четворица од Хрватска и од Црна Гора и еден од Косово.

Министерството за надворешни работи упатува благодарност кон надлежните власти во Албанија, Хрватска, Италија, Косово/НАТО, Србија, Босна и Малта за соработката при издавање на дозволи за прелет и целокупната поддршка во овие отежнати околности.

Од МНР посочуваат дека продолжуваат со напорите за помош при враќање во земјава на затекнатите македонски граѓани без регулиран престој во странство.