Фиби Кампбел секогаш изгледа како да е будна. Поради нарушувањето кое се нарекува ноќен лагофталмос, таа спие со отворени очи.
Ова нарушување предизвикува здравствени проблеми меѓу кои се и суви очи подложни на инфекции, лузни на рожниците, па дури и можно губење на видот. Фиби не може да спие без маска за очи.
„Мојот најголем предизвик е да заспијам и да спијам во текот на ноќта. Како сите и јас ги затворам очите, но кога ќе потонам во сон се будам бидејќи сфаќам дека очите ми се цело време отворени, што е многу чудно. Какво било светло, од телевизорот, сијаличката на алармот за чад и слично, веднаш ме буди во кое било време од ноќта. Ретко кога имам здрав сон во текот на целата ноќ и ретко кога се будам одморна‟ – вели Фиби која има 31 година.
Се претпоставува дека ова нарушување го имаат 10 отсто луѓе во светот, а меѓу нив е и оперската пејачка Катерина Џенкинс, која живее со ова нарушување од детството.
Кери Смит Џенис, оптометрист и портпарол на Асоцијацијата на оптометристи, вели дека овој проблем има разни причинители.
„Постојат медицински причинители како мозочен удар, удар во лице или фацијална парализа. Причина може да биде и болест на штитната жлезда при што се зголемуваат очите па капаците не можат да се спојат, но во повеќето случаи причината е психолошка. Капаците можат да бидат малку или целосно отворени. Проблемот е што долниот дел на окото е изложен‟ – рече Смит Џенис.
Кога очите се затворени во текот на спиењето, површината на окото е изложена на течност од солзниот канал и тоа го штити и чисти предниот дел на окото, но кога очите се отворени и во тек на спиењето, окото останува изложено на прав и бактерии.
„Најлошо сценарио од ова е губење на видот. На многу луѓе кои страдаат од ова нарушување им станува матно пред очите кога се будат, бидејќи очите им се суви‟ – вели таа.
Фиби дознала за својата состојба кога имала 13 години и спиела кај пријателка. Некој од нив се разбудил во текот на ноќта и се преплашил кога ја видел Фиби со ширум отворени очи. „На одмор во Хрватска една жена поминала 20 минути разговарајќи со мене и мислела дека сум непристојна бидејќи не и одговарам, но по некое време сфатила дека спијам‟ – се присетила таа.
Сега користи маска која многу и помага, а има и момче кое целосно ја разбира и ја поддржува. Претходните момчиња ја оставале бидејќи и зборувале дека изгледа како мртовец. „Ако со години спиете со отворени очи, причината е психолошка. Но, ако тоа ви се случува од неодамна, најпаметно би било да се прегледате и да се посоветувате со лекар за да сте сигурни дека не боледувате од тумор или оштетени нерви. Неквалитетниот сон може да доведе до сериозни здравствени проблеми меѓу кои се срцеви болести и дијабетис‟ – вели професор Кевин Морган од Универзитетот Лугбороу.