10 работи кои не треба да ѝ се кажат на бремена жена

13293

Познато е дека бременоста е посебен период во животот на секоја жена. И сите во желбата да помогнеме, ги бомбардираме бремените жени со совети за тоа што и како треба да направат. Иако сме сигурни дека сите тие совети се најдобронамерни, некои имаат репутација на „строго забранети“ бидејќи другата страна може да ги сфати како навредливи , здодевни и иритирачки.

Во продолжение, мал список на дел од нив:

„Дали беше планирано?“
Да, сигурно ќе ви каже дека авантура за една ноќ, скинат кондом или едноставно премногу алкохол довело до нејзината состојба во моментот. Или пак, ќе ви открие дека долги години се обидувале со партнерот да остане бремена. Некои работи е подобро да се премолчат. Честитајте ѝ и не се обидувајте да дознате дали било планирано, спонтано, измолено или нешто сосема десетто, битно е дека таа во моментов блеска од среќа.

„Мора да ти е жал што не е машко, сите татковци сакаат син“
Секако дека мајката нема да го продолжи разговорот раскажувајќи колку е разочарана дека носи ќерка а не син. Впрочем, ставете се на нејзино место. Што вие ќе одговорите на ова прашање? Што и да е, живо и здраво да е. Дури и да имала одредени желби за полот на бебето, тука нема право на избор, „штркот“ одлучува што ќе им донесе на идните родители.

„Сто посто не се близнаци?“
Да, сто посто не се близнаци и сто посто ова го прашувате поради нејзините килограми. И да, сто посто е злобен коментар..

„Многу си слаба. Воопшто не се познава дека си трудна.“
Ви честитаме, само што го пуштивте црвот на сомнежот во умот на идната мајка. Сега таа се прашува дали се храни правилно, дали е се во ред со бебето и зошто не се познава нејзиниот стомак. Иако можеби вие сте сакале да ја пофалите за добрата линија, идната мајка почнува да се двоуми дали се е во ред со неа и со бебето.

„Ептен сериозно си го сфатила советот да јадеш за двајца.“
Мислите дека не знае колку многу јаде, па вие треба да и ги отворите очите? Сигурно и самата е свесна дека јаде премногу, дека огромните порции не се баш здрави за нејзината состојба, но ете, потклекнала пред искушението. Овој коментар само ќе ја повреди и ќе и ја намали самодовербата. Можно е да почне да го одбегнува огледалото.

„Ама сум здебелана, мора да почнам со некоја диета од утре.“
Навистина? Здебелена сте? Колку? 2-3 кг? И тоа го кажувате пред бремена жена на која и се менува целокупниот личен опис за тие 9 месеци? Браво за непромисленоста.

“Не треба да пиеш кафе, не смееш да пушиш, не треба да вежбаш многу…“
Баш убаво што знаете толку многу, но нели сте размислиле дека вашата бремена пријателка веќе се распрашала за сето тоа? Нели размислувате дека има лекар што ја води целата бременост и ја советува што е добро а што не за неа? Затоа, не се правете експерт во секоја област.

„Мое мислење е дека треба да го доиш.“
А, наше мислење е дека освен ако не сте доктор, не треба да го споделувате ова ваше мислење. Иако е општо познато дека доењето е најдобро решение за малите бебиња, има мајки со здравствени проблеми или некоја друга многу сериозна и важна причина зошто треба да се одлучи за вештачка исхрана.

„Може да ти го допрам стомакот?“
Прво и основно, нејзиниот стомак не е јавна сопственост. Иако на сите инстинктивно раката ни се движи кон стомакот на бремената жена, убаво е прво да прашаме за дозвола. Но, и тоа не е доволно, бидејќи во некои случаи, бремените жени кажуваат „да“ само од љубезност. Затоа, поштедете ја трудницата и доколку не сте доволно блиски со неа, не го поставувајте ова прашање.

„Уживај додека имаш време. После ќе плачеш.“
Што е точно, точно е, бебето го менува животот на секоја мајка. Но, тоа не мора да го слуша на секои 5 минути. Го знае, и вие го знаете, тоа е факт. Но, плескање во лице дека „нема веќе излегувања до доцна“ или „спиење мирно цела вечер ќе биде далечна историја“ или „парите за нова облека сега ќе се даваат за пелени“ не се баш најдобронамерни и не се добредојдени во комуникацијата со идните родители.

loading...