Се уништува живината во струшко Мороишта поради птичји грип

400

Околу 3.000 единки живина во струшкото село Мороишта денеска ќе бидат убиени и отстранети поради наод на птичји грип АХ5Н8.

Селото е изолирано, полицијата дозволува влез само за жителите, а на излез се вршат проверки дали некој изнесува живина.

Екипи на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), како што информира раководителот на државна инспекција за здравствена заштита на животните Оливер Иваноски, вчера извршиле попис на целата живина во 105 домаќинства, која денеска ќе биде попишана и угината, а сопствениците ќе бидат обесштетени од државата.

Во рамки на акцијата, утре ќе се врши целосна дезинфенција на селото.

– АХВ ја почна акцијата на убивање и нештетно отстранување на заболената живина во Мороишта, бидејќи добивме позитивен наод на птичји грип АХ5Н8, кој е високо патоген вирус и единствена мерка во овој случај е убивање и отстранување на живината. Акцијата се одвива во најдобар ред, имаме соработка од страна на населението. Вкупно 20 екипи работат интензивно и очекуваме дека целосно ќе ја спроведеме, изјави Иваноски.

Според него, не се работи за заразна болест која може да се пренесе кај населението и упати апел до сопстевниците на живина да соработуваат со органите на АХВ и целата живина што ја имаат да ја дадат бидејќи тоа е единствен начин да се справат со болеста.

Тие, како што нагласи Иваноски, вршат мониторинг и во околните села.

– Во моментов имаме прогласено зони од три и од 10 километри. Имаме заштитна зона и зона под надзор од каде земаме интензивно мостри и секаде каде што ќе се утврди присуство на вирусот, ќе ги спроведеме мерките на нештетно убивање и отстранување на живината, изјави Иваноски.

loading...