Се проширува кампањата „#MeToo“

1145
#MeToo

Се повеќе жени се охрабрени да ги објават имињата на злоставувачите, а одредени јавни личности се обвинети за сексуално вознемирување и насилство. Кампањата против сексуалното злоставување под хаштагот „#MeToo“ почна во САД пред неколку недели, а се прошири во 85 држави.

Фразата „#MeToo“ ја промовира активистката Тарана Брук во 2006 година на МајСпејс за промовирање на кампањата „преку емпатија до еманципација“. Кампањата беше насочена кон сиромашните жени кои биле жртви на сексуално злоставување.

Откако актерката Алиса Милано го обвини холивудскиот продуцент Харви Ваинстин за сексуално насилство хаштагот „#MeToo“ повторно стана актуелен.

– Ако сите жени кои биле сексуално вознемирувани и нападнати нека напишат „MeToo“ како статус, за да и предочиме на јавноста со колкав голем проблем се соочуваме, напиша Милано на Твитер.

Под мотото „#MeToo“ стотина жени минатиот викенд излегоа на улиците на Париз и на десет други градови во Франција за да протестираат против сексуалното вознемирување. Протестите ги организира женската организација „Лез ефронте“.

– Излезете на улица и покажете… ние сме илјадници и илјадници кои треба да преживеат, да го амортизираат ударот, да сфатат што им се случило и да се справат со искуствата кои најчесто се трауматични, се посочува во повикот за протест објавен преку Фејсбук и Твитер.

Демонстрантите носеа транпаренти на кои пишуваше „Ние НЕ“ и „Почитувајте ги жените“.

Од кога почна кампањата неколку познати, влијателни мажи во Франција се обвинети за сексуални напади вклучително и еден пратеник од политичката партија на францускиот претседател Емануел Макрон.

Според статистиката во Франција секоја година повеќе од 80.000 жени се жртви на силување или обид за силување, но само 10 проценти од нив пријавуваат. Француската Влада минатата недела предложи закон за построги мерки против сексуално злоставување.

Француските феминистки синоќа во Париз ја прекинаа рестроспективата на филмови на фрацуско-полскиот режисер Роман Полански, обвинет за сексусално злоставување.

Полански (84), на почетокот од годината под притисок на феминистичките групи, се откажа да биде домаќин на свеченото доделување на Цезар, награда на француската Академија на филмска уметност.

Здруженијата на феминистките протестираа против режисерот на култните филмови „Теса“, „Пијанист“, и „Бебето на Розмарин“, добитник на бројни награди, како и на Оскар за најдобра режија за „Пијанист“ и понатаму го гони американското правосудство поради обвинение дека наводно силувал малолетна девојка во 1977 година.

Лавината обвиненија беше покрената пред неколку недели кога „Њујрок тајмс“ и „Њујоркер“ објавија извештаи за жените кои го обвинија продуцентот Ваинстин, за силување и сексуално вознемирување во последните неколку децении. Меѓу оние кои го обвинија продуцентот се и некои од најпознатите актерки вклучиелно Анџелина Џоли, Гвинет Палтроу и Розана Аркет.

Кампањата  „#MeToo“ наиде на одек и во Велика Британија. Керојалан Едмонсон, секретарката на британскиот министер за меѓународна трговија го обвини Марк Гарние за сексуално вознемирување, а британската премиерка Тереза Меј нареди да се покрене истрага.

Британскиот весник „Мејл“ денеска објави дека Гарние во 2010 година побарал од секретарката Едмонсон да му купи два вибратора, при што ја нарекувал со погордни имиња.  Гарние тврди дека  станувало збор за „бучен излив на добро расположение“.

На 26 октомври Европскиот парламент усвои резолуција со која се осудува секаков вид на сексуално насилство и изразуваат жалење што се толерирани такви дејствија.

Текстот вклучува и повик за стратегија на ЕУ и правила против малтретирање на полова основа, мерки за справување со прикривање на случаите и формирање на работна група од независни експерти со цел да се разгледа ситуацијата во ЕП.

Податоците на Агенцијата на ЕУ за основните права од 2014 година, односно насилството врз жени, покажуваат дека:

– една од три жени била жртва на физичко или сексуално малтретирање во текот на својот живот

– околу 55 отсто од жените во ЕУ биле жртва на сексуално злоставување

– триесет и два процента од сите жртви во ЕУ изјавуваат дека извршителот е началник, колега или клиент; 75 отсто од жените во квалификувани професии или на високи раководни функции биле подложни на сексуално малтретирање, како и 61 процент од жените кои работат во сектор на услужни дејности.

– дваесет проценти од младите жени (18-29 години) во земјите од Унијата биле жртва на малтретирање преку интернет.

– една од десет жени е предмет на сексуално злоставување или следење на социјалните мрежи.

Кога станува збор за сексуално насилство обвинет е и актерот Кевин Спејси.

Актерот Ентони Рап го обвини Спејси за сексуално вознемирување, кое наводно се случило во 1986 година, кога тој имал само 14 години.

Тие работеле заедно на бродвејски претстави, а Спејси една ноќ го повикал помладиот колега на забава во неговиот стан. На крајот на забавата, според тврдењата на Рап, Спејси легнал врз него и се обидел да има сексуален однос.

Рап, кој денес има 46 години, по овој инцидент никогаш повеќе не прозборел со Спејси. Тој вели дека со тек на време огорченоста растела, а кулминирала лани кога го видел како ја води церемонијата на доделување на наградите Тони.

За МИА Марина Илиевска

loading...