Расправа на револуционерите пред Илинденското востание

678

Решението за подигање на вооружено востание донесено на Солунскиот конгрес, требало да се потврди на оделни конгреси на секој револуционерен округ. Битолскиот окружен комитет, конгресот на својот округ го свикал на 30 април 1903 година во с. Смилево, родното село на Даме Груев. 

Даме одлуката за востанието ја прифатил како завршена работа и решен самиот да ја преземе фаталната одговорност. Оттука неговата изрека: Доста е, подобро ужасен крај, отколку ужас без крај!

Карев: Ние сме пред денот на востанието, а народот нема со ништо да го пресретне

Никола Карев Илинденското востание2-001

Според Никола Петров Русински, конгресот започнал со работа на 17/30 април 1903 година кога го имал и своето прво заседание. Во дневникот, во делот со заглавие „17 април ст. ст.- Првиот ден на Конгресот“, забележувајќи дека сите делегати не биле пристигнати, откако дел од присутните реферирале секој за состојбата во својот реон, набележал и неколку интересни дискусии и реплики меѓу делегатите, кои се однесувале на прашањето за подготвеноста на реоните за оружено востание, пишува Кочо Топузоски во книгата посветена за Никола Карев.

По излагањето на Н.П. Русински за Битолско-мариовскиот реон, на Пандо Калашов за Костурско, на Христо Узунов и Аргир Маринов за Охридско и Димитар Матлиев за Демирхисарско, крушевскиот делегат Никола Карев ја изложил состојбата во крушевскиот револуционерен реон:

-Нашиот реон има 320 различни пушки, заедно со оние во четите, но куршуми нема ни по 120 на пушка, истакнал Карев.

Се огласил Атанас Лозанчев (заедно со Даме Груев и Борис Сарафов веќе избрани за членови на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ):

– Ќе ви донесеме чаури, барут, каписли и олово, за да си ги наполните.

Незадоволен од предлогот на Лозанчев, поостро реагирал Карев:

– Ние сме пред денот на востанието, а народот нема со ништо да го пресретне првиот ден на прогласеното востание.

Јордан Пиперката го треснал кундакот на пушката од подот и рекол:

– Никогаш не ќе имате повеќе, вие крушевчани сте против востанието, да си одите за Бугарија.

Ваква слична реплика, но во сосема друга насока, прераскажува Н.К. Мајски во својот ракопис „Ѓурчин Наумов-Пљакот“, забележува Топузоски во книгата „Никола Карев- живот и потоа“.

Имено, според кажувањата на Димитар Секулов, член на Привремената влада на Крушевската Република, кои до Мајски стигнале подоцна, по ослободувањето на Крушево, Д. Секулов „во Битола успеал да се добере до факти кои го зачудиле дури и загрижиле“.

Прераскажувајќи го Секулов, Мајски запишал дека, на Конгресот во Смилево, по прашањето за подигање на востание и споменатото предупредување од Руската влада, „Никола Карев се изјаснил дека Конгресот не треба да се придржува на мислењата и изјавите на било кој министер, па бил тој бугарски, руски или кинески. – Ние, рекол Карев, имаме свое министерство, своја влада- Централен комитет, и треба да нѐ интересираат само неговите решенија и решенијата на нејзиниот, наш институт – Солунскиот конгрес кој ги изразува заложбите на целокупна Македонија и Одринско. Но јас, имено, се изјаснувам против решенијата на Солун за востание, не затоа што бугарски и руски министри биле против него, туку затоа што тоа за нас ќе биде катастрофално – пред сѐ, цифрите говорат дека ние не сме доволно подготвени, немаме доволно оружје и муниција, а и тоа што го имаме, половината е полусоодветно, да не кажам несоодветно.

Георги Папанчев го укорил Карева како збунет и го предизвикал нарекувајќи го страшливец. Карев силно се изнасмеал. Јордан Пиперката се налутил, рипнал од местото и му се обратил на Папанчев дека, не е офицерскиот чин тој што го прави човекот решителен и дека, не офицерите, туку луѓето како Карев и него ја изградиле организацијата“.

Ѓорче Петров пишува за неподготевноста на четите

Ѓорче Петров Илинденското востание3-001

Во книгата „Спомени“, Ѓорче Петров пишува дека тој и Гоце Делчев биле против кревање востание, а Пере Тошев бил нерешителен.

– Сега да продолжиме по прашањето за востанието. Нашиот одговор беше произвикал во Солун узбуна, така исто и во Битола, зошто таму им се сакало, не се согласувале лесно да примат востание без наша полна согласност. Пак обвиненија против мене! Почнуваат да се обидуваат да ги склонат Перета и Делчева и да ги одделат од мене. Неколку време потоа, во јануари 1903 година, ми се чини, Думев и Гарванов дојдоа со специјална мисија тука да го расипат нашето решение. Јас ниту се сретнав со нив и понатаму ниту зборував нешто по тоа прашање со нивната компанија, зошто криеја од мене што вршат. Пере ги остави сите без одговор. Делчев остана на своето мнение против востанието, но не зеде позиција да противдејствува — тој е мек веднаш. Впечатлението и на тројцата беше дека макар и да се решавале по тоа прашање, не верувавме, дека ќе се решат, дека ќе дојде до востание, широко и категорично, како што го кроеја тие, пишува Ѓорче.

Тој објаснува во книгата „Спомени“ дека со Делчев и Тошев препорачале да се измени тактиката на дејствието на четите и на терористичките елементи во градовите; од пасивно, чисто припремно држање, да се прејде кон една поголема активност, да се почне активно да се дејствува, кое што би се доближувало веќе до востание, за да се припремат и калат повеќе работници за вистинското востание. Ѓорче забележува дека четите не биле подготвени за бој.

-Средбите на градски работници со чети, за да видат пушка, ги немаше многу. Малцина од нив беа успеале да земат пушка в рака и да се вежбаат со неа. Тоа беше положбата — чисто пасивна политика на организацијата, кога вниманието на нејзините луѓе уште беше свртено исклучиво кон уредбата на организацијата и кон нејзиното материјално подигање. Широката маса сосем не беше припремена да излегува гради со гради со Турците, не беше припремена преку настани од тој род, за да може отворено да ги пречекува, забележува Ѓорче.

Илинденското востание4-001

Тој ностојувал четите да бидат поактивни, да се почнат одделни акции, за, како што вели Ѓорче,„ да ги воспитуваме четниците и др. кон пушката, кон бестрашливост, да добијат искуство за напад“.

-Оваа програма сакавме со Делчев да ја разгласиме внатре и не верувавме, дека Гарвановци ќе успеат. Но Гарванов, доаѓање тука, со Матов, Татарчев и дружина скришно се советувале без нас и праќаат контра-писмо, потпишано од Матов и Татарчев, како мнение од сите тука со исклучок само на некои така што во Солун го премолчуваат нашето писмо и си ја продолжуваат агитацијата. Беа го скроиле востанието пролетта рано, после на Гурѓовден, потоа на св. Кирил и Методи, а најпосле на Смилевскиот конгрес се определува за 20 јули-Илинден. Тие ја беа распределиле земјата на бојни окрузи за востанието. Груев веќе се одобравал, Гарванов и Думев дојдоа со негово знаење. Беа распределиле веќе во проектот и главнокомандујушчи по бојните окрузи, пишува Ѓорчев.

Славниот револуционер во „Спомени“ ја забележува средбата на Делчев и Груев во Солун.

-Тие вешто го оставиле само со Дамета, кој што 2-3 дена го држал во една стаја при себе и се мачел да му го разбие убеѓењето против востанието. Даме успеал со тоа само да му го нанесе последниот удар на разочарение, како што беше се исповедал пред Пере Јаворов и други, со кои што се беше сретнал после во Серско. Овај дух на очајаност проличува и во едно писмо до мене, во кое то тој ми велеше, дека ништо не може да се направи и дека оди во Серско, „да си ја даде главата“. Во Солун му ја возложиле мисијата да ги убеди другарите во Серско за востание и да го организира таму. Јане Сандански пратил чета да го пречека во Серското поле и да го одведе в планина, раскажува Ѓорчев.

Тој, како што вели во книгата, било многу важно да се напомене дека  Делчев бил намирисан од Солун, бил следен до Сер.

-Бивши бугарски офицер, помак, Тефиков, негов другар од военото училиште во Софија тогаш началник на жандармеријата во Драмско, бил натоварен со мисија од Солун, тој прибидејќи лично го познавал Делчев, да го пречека и да го убие. Штом Делчев излегол од град Сер, веднаш го надушил. Селото Баница е саат и пол од Сер се гледа дека во Солун не успеаја да го фатат. Треба да знаеја, дека тој ќе оди во Серско. Во Солун имало некој шпиун, близок до нашите луѓе. Тоа се заклучува од следното. Земаат во Солун решение за востание. Гарванов и Думев к`е дојдат тука, а еден министер тука (не паметам кој) ми соопшти, дека од турски извор, од турското комесарство знаеле, дека Гарванов и Думев ќе дојдат, и тие навистина дојдоа. Допуштам затоа дека шпиунството за Делчев било од Солун, пишува Ѓорчев.

Тој вели дека кога слушнал за смртта на Делчев, страшно бил поразен.

-Ја криевме неговата смрт извесно време. Кај Делчев пред да загине, беше се јавило едно расположење за атентаторство. Јас го толкувам како резултат на неговото очајание за иднината на организацијата. Тој со своето влијание, со своето лично настојување, веднаш создаде јако расположеше во тој правец. Толку јако, што Матов, Татарчев и Сие, макар и да беа против, не можеа да се противат, а требаше да содејствуваат. И јас не му го одобрував ова, предостанувајќи ги атентатите за после, кога ќе стане востание. Делчев беше незадржлив занесен по овај пат, сметајќи ги атентатите за едно од средствата на нашата програма. Главно се беше одушевил за атентат против железници и мостови. пишува Ѓорчев.

Сандански бил скршен кога слушнал дека ќе има востание

Јане Сандански  Илинденското востание5-001

Јане Сандански пишува дека решението за востание го доживеал како гром да го погодил.

-Уште кога бев во Ловча, добив писмо од Серез, во кое ме прашуваа за мислење дали треба да има востание, затоа што од Солун барале мислење дали да се преземаат само терористички акции, или пак да се крева востание. Одговорив дека не разбирам поради какви мотиви Централниот комитет дошол до становиште да прашува за востание. Побарав да ми се образложат мотивите за тоа. Ми се образложи дека мигот бил погоден, дипломатијата била наклонета, а па најпосле и врховистите инаку пак ќе создавале главоболки. Тогаш по тој повод ги собрав раководителите на мелничкиот реон и со нив го разгледавме прашањето за востанието. И се искажавме против неговото кревање, и јас во Јучдјурук испратив писмо во одговор. Им пишував и во Разлог, и тие да се изјаснат; и тие се нзјасниле против и единствениот делегат од Серез во Солун бил против кревањето востание, пишува Сандански.

Веста дека ќе има востание, Сандански вели дека морално ги утепала.

– Ни јавија дека во Солун се решило да се крене востание. Тоа беше како вистински гром да ме погодил. Паднав сосема скршен, не можев да одам. Пред да дојде она првото писмо, во кое ме прашуваа за мислење за востанието, бев сосема инаков, не чувствував ниту измореност, ништо, пишува Сандански.

Илинденското востание6-001

Тој ја забележува и средбата со Гоце Делчев.

-Позборував со Делчева за востанието. Му реков: „Многу сте подраниле да кревате востание!” Му го реков тоа со иронија. Делчев одговори: „Што да се прави, излегоа многу бегалци од Петричко и др., и врховистите ќе ги употребат пак да се води борба со нив, а од друга страна и другарите сакале да се крене востание, на пр. Стефан Димитров, бившиот делегат, се откажал да се занимава со македонското прашање, штом не се решава за кревање востание. Затоа требало да се преземе барем терористичка акција”. Јас му приговорив дека терористичка акција ќе повлече одмазди од страна на Турците и ете ти пак востание. „Ами ние зошто агитиравме против врховистите и зошто пред народот зборувавме поинаку?!” Освен тоа силно го прекорив Делчева што го прибрале и Сарафов, толку компромитиран и сл. Јас се согласував на терористички акции во смисла да се преземаат само од четите, и тоа на пруги и мостови, далеку од селата. Најпосле со Делчев постигнавме согласност против секакво кревање востание и тој и Кошанов останаа да напишат во таа смисла, пишува Сандански.

Ирена Радовановиќ

loading...