Анима Мунди со обраќање до Зоран Заев

1901

Почитуван Премиере, Зоран Заев

Ви се обраќаме по повод фотографијата која деновиве осамна во јавноста, на која сте и Вие, во друштво на ловџии и животно жртва, отстрелана дива свиња. Фотографијата која нѐ згрози и го доведува под знак прашање Вашиот став и однос кон животните и Вашиот став кон насилството на кое се секојдневно изложени од страна на луѓето.

Убивањето на животни не е спорт, не е забава туку демонстрирање на сила врз послабите и урнисување на она што го создала природата, и тоа треба да ни биде кристално јасно во времето во кое живееме, во 21 век.

Ловот е беспотребно нарушување на природниот баланс, кукавичко убивање од заседа, морално декадентен, разорен принцип по биодиверзитетот и еко системите. Ловџиите сејат насилство, болка, смрт, го поткрепуваат култот кон оружјето, според кој секогаш послабиот е жртва.

За среќа доминантен дел од граѓаните на Република Македонија го сметаат ова за примитивен, варварскки чин, сосема неадекватен и срамен за времето во кое живееме. И под претпоставка дека на сликава со отстреланата дива свиња сте се нашле случајно, а не како дел од групата за отстрел, не би требало да биде прифатливо за еден модерен и софистициран политичар, политичар кој за време на политичката програма навестуваше нови, подобри времиња и хуманост кон сите живи битија, без исклучок.

Почитуван Премиере Зоран Заев, насилството мора да биде осудено секогаш и секаде. Дивата свиња која е расчеречена на колата не е трофеј, туку интелигентно, свесно битие кое до последен момент залудно се борело за својот живот.

Големината на една нација се гледа според нејзиниот однос кон животните, а ние искрено се надеваме дека ќе го преиспитате вашиот – особено сега кога Анима Мунди во соработка со и поддржано од бројни сродни здруженија, прави конечна ревизија на Предлог законски измени на Законот за ловство во РМ.

Се надеваме дека јасно и недвосмислено ќе покажете дали стоите на страна на хуманоста или на страната на луѓето кои ја злоупотребуваат немоќта и довербата на оние кои не можат да се одбранат. На животните.

Кои сме и што сме најдобро се согледува во вакви околности.

Со почит,

Активисти на Анима Мунди

anima-mundi.org.mk

loading...